Бранителите на обвинетите во „Монструм“ бараат одговорност: Невин човек пет години лежеше во затвор

Фетаи се откажа од гонење поради недостиг на докази за обвинетиот Сами Љута, за кој рече дека наводите биле спорни уште кога го презела предметот, што, според адвокатите повлекува сериозна одговорност на претходната обвинителка, судијата, но и на оние судии кои ја потврдиле пресудата за доживотен затвор во претходното судење, а која беше изречена во 2014 година.   

1,322

Бранителите на обвинетите во „Монструм“ ќе бараат одговорност за судија од Основниот суд, за обвинител во првото судење во судскиот процес „Монструм“, но и за судии во Апелацискиот суд по завршувањето на судењето, кога ќе се потврди одлуката за еден од обвинетите да биде пуштен на слобода, откако обвинителката Фатиме Фетаи на завршницата на судскиот процес за петкратното убиство кај Смиљковското езеро, се откажа од гонење поради недостиг на докази.

Фетаи рече дека за обвинетиот Сами Љута, наводите биле спорни уште кога го презела предметот, што, според адвокатите, повлекува сериозна одговорност на претходната обвинителка, судијата, но и на оние судии кои ја поврдиле пресудата за доживотен затвор во претходното судење, а која беше изречена во 2014 година.






– Сами Љута, пет години невин лежеше во затвор, а од првото рочиште беше обвинет за тероризам и осуден на доживотен затвор, како и други двајца, кои тогаш беа осудени на доживотно, а сега се судат за помагање. Ова е неодговорно и непрофесионално однесување и на судијата Ивица Стефановски, но и на обвинителката Гордана Гешковска, како и на судии од Апелацискиот суд кои ја потврдија тогашната одлука, која подоцна падна со одлука на Врховниот суд. Ќе бараме одговорност да покрене Судскиот совет и Советот на обвинители, откако ќе бидат донесени и потврдени пресудите. Можеше за влакно да биде поинаку, како што беше во првото судење, да се суди без докази, мора за ова некој да одговара, за неправдата и за претпрените трауми – вели Асмир Алиспахиќ, еден од  адвокатите во судскиот процес „Монструм“.

Првото судење во „Монструм“ го водеше судијата Ивица Стефановски, кој кога почна процесот беше претставен како млад и амбициозен судија кој заедно со судечкиот совет пред седум години ги прогласи за виновни и ги осуди на доживотна казна затвор обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Обвинителка тогаш беше Гордана Гешковска, која се прослави со неколку случаи како „Пајажина“, во кој првообвинет беше сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски, потоа „Изгрев“, скандалозен случај за наводна милионска финансиска малверзација во која беа смешани двајца браќа бизнисмени, „Змиско око“ и други. Гешковска, во времето немаше поддршка, кога беше назначена во 2008 година од тогашниот јавен обвинител Љупчо Шврговски кој дури јавно изјавуваше дека „нема интелектуален капацитет за да постапува по предмети од областа на организиран криминал“, но таа ги застапуваше обвиненијата во најголемите судски процеси. Шврговски дури и ја разреши од специјализираното одделение за борба против организираниот криминал, па беше прераспределена во Скопското обвинителство, поради неефикасност во работењето.  Стефановски, за судија, според судскиот портал, бил избран во 2008 година, пет години пред да го добие овој искучително тежок процес.

– Обвинителката Гешковска треба да одговара и за тоа што обвини без докази уште еден невин човек, освен Сами Љута – велат адвокатите за Плусинфо, а станува збор за Рами Сејди кој две години по петкартното убиство доби ослободителна пресуда бидејќи судот не најде цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот.

Побаравме мислење од Судскиот совет, но и од Советот на јавни обвинители за покренување евентуална одговорност на судиите кои се инволвирани во судскиот процес „Монструм“, а посебно за судијата кој го водел случајот, пред да биде донесена одлуката од страна на Врховен суд за повторување на судењето, со оглед на тоа што повторениот судски процес покажа дека имало пропусти во првото судење поради што еден од обвинетите, лежел во затвор, иако немало докази против него.

Судскиот совет ни одговори кратко, а од претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски,  сѐ уште немаме одговор.

– Судскиот совет на РСМ согласно одредбите на Законот за судскиот совет го следи работењето на судовите, судиите и претседателите на судовите. Доколку се утврдат субјективни пропусти на судијата во било кој предмет ќе биде покрената постапка за негова одговорност – одговорија од Судскиот совет.

Во завршницата на повторениот судски процес минатата недела, обвинителката Фатиме Фетаи побара доживотен затвор за тројца од обвинетите за тероризам во случајот „Монструм“. Aлил Демири и браќата Африм и Агим Исмаиловиќ се обвинети за тероризам, а Фејзи и Хаки Азири за помагање во ова дело, па за нив се бара максимална казна затвор.

Обвинителката Фетаи не ја исклучи можноста во иднина за петкратното убиство да бидат гонети и други лица, ако такво нешто произлезе од исказите на двајцата обвинети кои се во бегство, а за кои државата со години наназад бара Алил Демири и Африм Исмаиловиќ да бидат екстрадирани од Косово.

Поврзани содржини