БРАНАТА „КАЛУЃЕРИЦА“ ГО ЗАЦРНИ МАКЕДОНСКИ БРОД Парадоксот на проектот кој 50 години од фиока ги брка инвеститорите

Градоначалникот Жарко Ристески вели дека поради оваа брана која засега е само исцртана во мапата на РМ во урбанистичкото планирање, а не и изградена, целата општина трпи штети, зашто заинтересираните инвеститори не можат да добијат одобрение за градба. Тој вели дека е неопходно да се преиспита и да се отстрани овој проект од идните планирања на просторот.

2,951

Проектот за изградба на вештачкото езеро „Калуѓерица“ на реката Треска веќе пет децении го кочи развојот на Поречието и на Македонски Брод, бидејќи општината не смее да издава дозволи за изградба, а со тоа ги брка потенцијалните инвеститори.

Согласно Просторниот план на Република Македонија (2004-2020) и водостопанската основа на РМ која датира од 1974, како и согласно Просторниот план на регионот на реката Треска (2005-2020), се предвидува изградба на вештачко езеро „Калуѓерица“ второ по ред по веќе изграденото „Козјак“.






Од општина Македонски Брод велат дека во јавноста е малку познато дека со изградбата на предвидената вештачката акумулација „Калуѓерица“ на реката Треска, ќе се предизвика огромна и ненадоместлива штета на општината Македонски Брод и на граѓаните кои живеат или кои потекнуваат од некое од поречките села. Парадоксот е во тоа што и неизградена, браната ѝ прави огромни економски штети на општината.

– Со изградбата на браната „Козјак“ веќе нема никаква смисла да се гради и „Калуѓерица“. А доколку проектот се реализира треба да се иселат голем број населени места, да се потопи регионалниот пат кон Самоков. Исто така и пештерата „Пешна“ која е со бројни историски знаменитости и со тоа би се немало никаков пристап до неа – вели првиот човек на општина Македонски Брод, Жарко Ристески.

Градоначалникот вели дека поради оваа брана која засега е само исцртана во мапата на РМ во урбанистичкото планирање, а не и изградена, целата општина трпи штети, зашто заинтересираните инвеститори не можат да добијат одобрение за градба.

– Наместо браната „Калуѓерица“ да биде економски двигател на општината, таа го кочи развојот, бидејќи на тој потег помеѓу Белица и до пред Македонски Брод не може да вршиме никаква урбанизација. Имаме голем број земјоделци кои сакаат да градат фарми, имаме интерес за изградба на угостителски објекти и да се развива рурален туризам, но сето тоа досега беше стопирано и не знаеме до кога ќе биде така – вели градоначалникот Ристески.

Како треба да изгледа браната?

Максималното ниво на акумулацијата „Калуѓерица“ се предвидува на 530 метри надморска висина со локација на браната помеѓу мостот на рекатаТреска кон Самоков и вливот на Беличка река во Треска. Со изградба на овој објект би се создале несогледливи штетни последици за развојот на овој и онака сиромашен крај, кој има огромен потенцијал за развој.

Градоначалникот Ристески вели дека е неопходно да се преиспита и да се отстрани овој проект од идните планирања на просторот зашто му штети на понатамошниот развој на општината.

– Сметаме дека за нашето барање кое е навремено и оправдано, надлежните институции ќе имаат разбирање и ќе го прифатат овој наш апел за спас на општината Македонски Брод. Во моментов бараме од властите или да се намали квотата за изградба на браната или таа да се избрише од Просторниот план на Република Македонија. Ние се обидуваме со сите сили да извршиме притисок врз Агенцијата за просторно планирање, Владата и врз Собранието, бидејќи во моментов е отворен Просторниот план, да се избрише браната „Калуѓерица“ или да се намали квотата, бидејќи според сегашната состојба водата ќе дојде со самиот град – вели Ристески.

Од Владата за Плусинфо велат дека Просторниот план на Република Македонија, со плански период (2004-2020), сè уште е во употреба, сè до донесување нов, а дека во моментов се работи со плански хоризонт до 2040 година (2021-2040). Оттаму не прецизираа точно што ќе се случува со браната „Калуѓерица“ за која општина Македонски Брод бара да биде избришана или доколку се гради квотата да биде намалена.

– Владата на Република Северна Македонија, на 110. седница, одржана на 18.12.2018 година, ја усвои Информацијата со предлог Акционен план, со предлог мерки за започнување постапка за изработка на нов Просторен план на Република Северна Македонија, одржана на 18.12.2018 година. Изработката на новиот „Просторен план на Република Северна Македонија“ (2021-2040) во моментов е во фаза на документација на основа која опфаќа изработка на повеќе студии од различни области кои Планот ги обработува – ни одговорија од владата.

Оттаму додаваат дека во една од нив е студијата под наслов „Водостопанство и хидротехничка инфраструктура“, која ја изработува работен тим од Градежниот факултет. Студијата ќе понуди долгорочни плански решенија во однос на акумулациите.

Негативни последици од „Калуѓерица“

Општината предупреди на дел од катастрофалните последици што би ги предизвикала изградбата на „Калуѓерица“ што би предизвикало нејзино уништување и опустошување.

„1. На потегот кон Самоков водното ниво би достигнало непосредно до поранешната фабрика ‘Сувенир’ која е многу значаен стопански капацитет на општината М. Брод и која во моментов е делумно рестартирана. Во тој случај регионалниот пат Р 2132 се потопува и овој капацитет ќе остане без комуникациски врски, а исто така и селата Калуѓерец, Инче, Зркле, Лупште, Самоков, Ковач, Звечан, Рамне, Бенче, Битово, Косово, Брест, Ботушје, Заград, Требовље и Волче кои би биле целосно отсечени. (сл. 1)

2. Населените места кои се на потегот под планираната брана, селата Белица, Тажево, Брезница, Близанско и Здуње како и туристичките викенд населби би имале патна комуникација единствено преку ‘Јасен’ кон Скопје, додека врската со седиштето на општината ќе се прекине засекогаш.

3. Максималното ниво на акумулацијата целосно ќе ги потопи селата: Модриште, Лаг, Долни Манастирец, Драгов дол, Девич а дел и од Сувидол со голем број станбени и други објекти од каде произлегува и прашањето каде овие луѓе ќе живеат. Се потопуваат и туристичко-угостителски капацитети како мотелот ‘Пешна’, ресторанот ‘Извор’, како и значајни површини на обработливо земјоделско земјиште во вкупна површина од 1128 хектари. (сл.2-8)

4. Со потопувањето на регионалниот пат Р1106 без сообраќајна комуникација, односно целосно отсечени од останатиот свет ќе останат селата: Црешнево, Вир, Горни Манастирец, Тополница, Томино село и Сушица, Грешница, Слатина, Горно Крушје, Долно Крушје и Локвица. Исто така без комуникациски врски ќе останат и стопанските капацитети: ‘Пела’, ‘Рудпроинг’ и ‘Силика минерал“ што практично значи нивно згаснување. Се прекинува и пристапот до 10 MW фотонапонска централа која се гради во близина на селото Лаг.

5. Се потопуваат и повеќе природни и културно историски споменици и реткости како што се пештерата Слатински извор која со одлука на Владата е прогласена за заштитено подрачје-споменик на природата. Се потопува пристапот кон пештерата ‘Пешна’ како и неколку цркви кои датираат од 19-ти век“, се наведува во списокот на Општината за штетните последици ако се изгради оваа брана.

Поврзани содржини