БРАЌА МАКЕДОНЦИ, ПА КАДЕ БЕВТЕ ДОСЕГА? Српскиот народ не ја крие радоста од црковното помирување (ГАЛЕРИЈА)
Во храмот „Свети Сава“ во моментов се одвива помирувачката литургија предводена од патријархот Порфириј и архиепископот г.г. Стефан.
(Специјално од Белград известува Мартин Богатиноски)
Македонците отсекогаш биле наши браќа и чувствувам голема радост поради тоа што конечно се реши долгогодишниот црковен проблем. Ова ни го рече средовечниот белграѓанин Зоран Иваниќ, кого случајно го сретнавме пред влезот во храмот „Свети Сава“ во српската престолнина и кој со задоволство одвои малку време за да одговори на нашите кратки прашања.
– Со огромна радост го дочекав овој голем историски ден. Овде сум уште од 7 часот утринава, иако литургијата за помирување беше закажана за 9 часот. Јас, а верувам и сите Срби на светот, ги сметаме Македонците за братски народ и се чувствувавме лошо поради проблемот помеѓу македонската и српската црква. Знаете ли што значи повеќе од 5 децении да не разговарате и да не контактирате со својот брат?! Знаете ли колку е тешко кога над твојата и над главата на братот виснал сериозен проблем? Тоа е најлошото нешто што може да му се случи на еден христијанин. Така јас гледам на црковниот раскол. И му благодарам на Бога што ни ги слушна молитвите и нашите браќа од Македонија конечно ги врати онаму каде што им е местото – ни изјави Иваниќ. Милутин Весиќ, пак, момче на триесетина години, смета дека ваквиот помирувачки црковен чекор требало многу порано да биде направен.
– Слушнете ја изјавата на српскиот патријарх Порфириј и сѐ ќе ви биде јасно. Постојат повеќе братски народи за Србите, но Македонците ни се некако најблиски. Сметам дека црковниот проблем требаше уште многу порано да биде решен, но и сега не е доцна – истакна Весиќ.
Во храмот „Свети Сава“ во моментов се одвива помирувачката литургија предводена од патријархот Порфириј и архиепископот г.г. Стефан.