БОЖИНОВСКА НА СРЕДБИ СО „ШЕВРОН“ ВО ВАШИНГТОН Македонија во потрага по сигурна нафта и течен природен гас
Министерката Божиновска во Вашингтон разговараше со „Шеврон“ за диверзификација на снабдувањето и влез на американски компании на македонскиот пазар. Целта е поголема енергетска безбедност, конкуренција и нови инвестиции во секторот.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба во канцеларијата на Chevron Corporation во Вашингтон, посветена на унапредување на енергетската соработка и обезбедување стабилно и диверзифицирано снабдување со нафта и течен природен гас (LNG).
На состанокот, покрај присутните во Вашингтон, онлајн се вклучија водечки претставници на компанијата , од различни делови на светот, вклучително и од Пекинг и Мадрид, што ја потврдува сериозноста и глобалната тежина што „Chevron“ ја дава на потенцијалната соработка со Северна Македонија.
Од страна на Шеврон, на состанокот учествуваа Брајан Еснер, генерален менаџер за LNG Origination, кој зад себе има повеќе од 25 години искуство во глобални енергетски проекти, како и Лем Смит, потпретседател за меѓународни владини односи и Стив Кеил, сениор менаџер за меѓународни владини односи.
На состанокот министерката Сања Божиновска, ја придружуваа Горан Николовски, раководител на секторот за гас, и Недим Рама, директор на НОМАГАС кој се дел од македонската делегација во Вашингтон.
„Разговорите беа фокусирани на клучни теми за енергетската иднина на државата, вклучително и диверзификацијата на снабдувањето со нафта и течен природен гас, можностите за влез и поголемо присуство на американски нафтени компании на македонскиот пазар, зајакнувањето на стабилноста и конкуренцијата, како и унапредувањето на енергетската безбедност. Дополнително, беа разгледани и потенцијалите за понатамошен развој на енергетскиот сектор преку нови инвестиции и партнерства“, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Министерката Божиновска истакнала дека Македонија е отворена за нови партнерства кои ќе донесат сигурност во снабдувањето и ќе создадат поконкурентен пазар.
“Средбата со Шеврон претставува значаен чекор во позиционирањето на земјата како сериозен партнер во регионалната и глобалната енергетска мрежа, со јасен фокус на долгорочна стабилност и стратешка диверзификација“, велат од Министерството.