Божик ќе биде сосема поинаков оваа година: Кралицата за првпат ќе ги помине празниците сама со сопругот
Бидејќи глобалната пандемија во многу земји сè уште не покажува знаци на слабеење, англиската кралска двојка, кралицата Елизабета Втора и принцот Филип одлучија божикните празници да ги прослават сами, без другите членови на семејството.
Секоја година, традицијата налага кралското семејство да се собере на имотот во Сандрингем, а ова за 99-годишниот Филип и 94-годишната кралица ќе биде прв Божик без остатокот од семејството.
Бакингемската палата го потврди планот на кралицата Елизабета Втора дека ќе го прослави овој Божик само во друштво на нејзиниот сопруг. Посакала мирен Божик во замокот Виндзор, а друштво ќе ѝ прави само војводата од Единбург, со кого неодамна прослави 73 години брак, па оваа година ќе изостанат традиционалните кралски прошетки од мисата.
Портпаролот на Бакингемската палата откри и дека кралицата и принцот најверојатно, сепак, ќе се видат со остатокот од семејството на отворено и на безбедна дистанца.
Ова ќе биде првпат од 1988 година кралското семејство да не го слави Божик на имотот Сандрингем во Норфолк, а дотогаш празничните прослави се одржуваа во Виндзор.
„Со оглед на околностите заради пандемијата, кралицата и војводата од Единбург одлучија Божик мирно да го поминат оваа година во замокот Виндзор“, се вели во официјалното соопштение.
Како што пишуваат англиските медиуми, принцот Вилијам и Кејт наводно ќе го поминат Божик со родителите на Кејт, Керол и Мајкл Мидлтон и со нејзината сестра Пипа. Сопругата на принцот Чарлс, војвотката од Корнвол, Камила Паркер-Боулс исто така, би требало да биде со своите деца.
Како што претходно беше објавено, „избеганите“ членови на кралското семејство, војводата од Сасекс, принцот Хари и Меган Маркл ќе останат во САД каде ќе го прослават Божик со мајката на Меган, Дорија Рагланд.