Божидар Божиновски: Најголемо задоволство е да насмееш некого

Со „Арс Ламина“ решивме промоцијата да биде онлајн, во сабота во 20 часот. Во основа, јас од дневна пијам пиво и зборувам за книгата, живот, смрт, што и да е. Ќе одговорам на сите прашања, освен ако не се ситно напишани - вели Божиновски.

2,993

Најпрво се појави како Моџо Килингтон, потоа стана познат како Павле Трајанов, а сега, како што тврди, на социјалните мрежи го користи своето вистинско име: Божидар Божиновски.

Мирен, кроток, слаткоречив и смешен човек, припаѓа во групата „влијателни“ на Фејсбук и на Твитер. Инаку е писател, сценарист, уредник на интернет-страницата „Фчерашни новости“, и што уште не.






Е, токму тој, утре ќе го промовира својот роман „Денот кога не се разбудив“, а како што вели, пандемијата со коронавирусот го приморала да ја одржи промоцијата од дома, на кауч, пред компјутер.

По тој повод, и ние од дома, на кауч, пред компјутер, решивме да си направиме еден краток разговор со писателот.

Најпрво го замоливме да ни ја раскаже приказната за имињата по коишто е познат.

– Павле Трајанов беше затоа што некој ми го пријави Моџо Килингтон, па прво што ми текна беше Павле Трајанов. Не е ни чудо што научниците сѐ уште немаат сфатено како работи човечкиот мозок, па да ти падне прво на памет Павле Трајанов – вели тој.

На прашањето дали може да се уновчат лајковите, односно да се живее само од влијателноста на социјалните мрежи, Божидар низ смеа одговори дека веќе донирал 100.000 евра за борба против коронавирусот во Грузија и дека сега планира да донира уште 100.000 евра за развој на вакцина против Ковид-19.

– Иако не е за жалење, чат-пат некој ќе те познае, ќе ти пушти пиво. Сепак, најголемо задоволство е ако некого насмееш, му го направиш барем малку денот, и тоа е тоа. Фејсбук, Твитер и Инстаграм не се реалноста што човекот ја живее, но сепак, можеме да ги користиме овие алатки за убави работи. Извинете вака, почнав како наставник по информатика да звучам – вели Божидар.

Го прашавме и за можноста за злоупотреба на влијателноста на социјалните мрежи, а тој одговори дека во земјава се рекетира на големо.

– Не само што може, туку и се рекетира, ама ние си молчиме и се правиме улави. Рекетираат портали, рекетираат „инфлуенсери“, се купуваат портали, се купуваат „инфлуенсери“. Јас, на пример, го користам Фејсбук единствено за да се запознаам со луѓе со кои инаку не би бил во можност да ги сретнам. Многумина живеат во она „во мое време немавме фејсбуци, чуда“. Ми е гајле ако немавте – вели Божиновски.

За промоцијата на книгата што ќе се одржи утре, Божидар вели дека поради развојот на настаните не е паметно да се организира физичка промоција, па затоа решил да направи онлајн-промоција.

– Со „Арс Ламина“ решивме промоцијата да биде онлајн, во сабота во 20 часот. Во основа, јас од дневна пијам пиво и зборувам за книгата, живот, смрт, што и да е. Ќе одговорам на сите прашања, освен ако не се ситно напишани. Ќе видиме како ќе испадне, сепак првпат ми е да имам промоција во време на пандемија. Кога беше црната чума, јас немав почнато да пишувам. Затоа, бидете утре со мене. Во меѓувреме, на „Литература.мк“ имате акција да ја набавите книгата со попуст од 30 отсто, а дечките ќе ви ја достават на домашна адреса – вели Божидар.

Не можевме да не го прашаме што мисли за книгите што се продаваат на бензиски пумпи и во пиљари.

– Не мислам воопшто на тие книги. Покрај толку убави работи во светот, не ми ни има текнато на нив. Сега морам да мислам на нив. Од една страна е убаво литературата да е достапна до секого по пристојни цени. Од друга страна, пак, тие книги се најчесто лошо преведени класици за кои веќе авторските права се поминати и се печатат само колку за конкурси од Министерството за култура. Сета среќа што авторите не се живи – вели тој.

За политичките случувања во земјава, Божидар посочува дека во ова време на епидемија луѓето конечно се одлепиле од ВМРО-СДСМ.

– Штета е само што ни требаше пандемија да сфатиме колку си требаме едни со други. Се надевам дека ќе извлечеме поука од ова што ни се случува и дека ќе продолжи и кога ќе го победиме вирусот. Целата солидарност, помош и грижа што се јавува во овие моменти е за голема почит. Инаку, во нормални услови, секоја кампања е смешна. Ако јас некогаш се кандидирам, можам да ви ветам дека нема ништо да работам четири години. Нема да се појавам на работа. Цели 30 години имаме премиери што работат и по 26 часа во денот, па види до кај сме – вели Божиновски.

Инаку, книгата „Денот кога не се разбудив“ е во издание на „Арс Либрис“ и е дел од „Арс Ламина – публикации“. Ова е втора книга на Божидар, по стихозбирката „Аутопсија на љубовта“ издадена во 2019 година.

Промоцијата утре ќе може да ја следите во живо и на Плусинфо.

Поврзани содржини