БОЖИЌНИ ЧЕСТИТКИ ОД ЏАФЕРИ, МИЦКОСКИ, КОВАЧЕВСКИ… Политичарите посакаа здравје, добробит и благосостојба

Ширењето на мирот и спокојот во душата, гласното кажување на убавата и благородна мисла, споделувањето на трпезата и давањето таму каде што трпезата е празна е неизбежен дел и на овој убав божиќен празник, посака Џафери во неговата честитка.

314

Претседателот на Собранието, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ утрово побрзаа со своите честитки за католичкиот Божиќ, кој се слави денес, посакувајќи им здравје и добробит на оние кои го слават.

„Празниците се посебни денови кои имаат моќ на обединување, на дарување и солидаризирање со блиските, со далечните, со познатите, пријателите и соработниците, кога секој наоѓа нешто убаво за споделување со другите. Ширењето на мирот и спокојот во душата, гласното кажување на убавата и благородна мисла, споделувањето на трпезата и давањето таму каде што трпезата е празна е неизбежен дел и на овој убав божиќен празник. Затоа што, за жал, животот и светот не ги третира подеднакво сите луѓе, тагата и несреќата не се непознати за голем дел од човештвото и доколку постои барем и мала можност за враќање на насмевката и надежта на нечие лице, ние сме ја добиле нашата награда“, наведува Џафери во неговата честитка.






Своја честитка утрово испрати и Зоран Заев, поранешен премиер, а честитаа и од Владата.

 

Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски им се обрати на сите католички верници и на скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија, д-р Киро Стојанов.

„Божиќ е најсветлиот празник за секој христијанин, затоа што симболиката на овој празник е во новото раѓање и надежта за подобра иднина. Празничната вест за раѓањето на Христос нека го исполни секој дом со радост, спокој и мир, а срцето на секој верник со љубов“, пишува Мицкоски.

Во исто време, новиот лидер на СДСМ и премиер во најава, Димитар Ковачевски ги упати своите пораки за мир, спокој и благосостојба.

„До сите верници кои денеска го слават големиот христијански празник Христовото раѓање – Божиќ, упатувам срдечни честитки со желба за здравје, благосостојба и спокој во празничните денови. Овој голем христијански празник повикува на сплотеност, на обединување, на создавање добри дела за себе, но и за оние околу нас, затоа што славејќи го Христовото раѓање, го славиме животот, ја славиме љубовта, но и меѓусебната почит и меѓусебното помагање“, наведува Ковачевски.

Поврзани содржини