БОЖЈИТЕ ВОДЕНИЦИ ПОЛЕКА МЕЛАТ Божикна честитка од бискупот Киро Стојанов до граѓаните со католичка вероисповед
Бог не сака смрт и пропаст, туку правда и праведност, радост и живот. Бог го подготвува патот за ова. Ги подигнува оние кои повикуваат да му го подготват патот на Господа, гласници, пророци, свети Иван Крстител и Пресвета Богородица, Блажена Дева Марија, пишува бискупот скопски и струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов.
Бискупот скопски и струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати порака по повод празникот Божик што задутре го слават граѓаните со католичка вероисповед.
„Бог не умира оној ден кога ние веќе не сме во состојба да веруваме во сопствениот Бог, туку умираме на денот и од денот кога нашите животи повеќе не се трајно проткаени со новиот сјај на тоа чудо, оние извори на светлина над секој разум. Една мудра поговорка вели дека „Божјите воденици полека мелат“. Тоа можеме да го слушнеме и во говорот на нашиот народ дека Господ не плаќа секоја сабота, туку кога плаќа, плаќа. Ги знаеме овие изреки и најмногу ги користиме кога очекуваме, замислуваме или повикуваме на Божјиот суд и Божјата казна за некој што мислиме дека го заслужува тоа. Меѓутоа, има нешто точно, а тоа е дека тој што се воздигнува и дигнува против Бога, секогаш на крајот ќе го извлече најдебелиот крај. Бог, во историјата на спасението, ги превртел наопаку сите претпоставки на светот за доаѓањето на Спасителот. Нему никаде не му се брза. Така, Бог илјадници години ги подготвуваше луѓето за спасение, бидејќи „не ја посакува смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот лош пат и да живее“ (Езекиел 33:11). Бог не сака смрт и пропаст, туку правда и праведност, радост и живот. Бог го подготвува патот за ова. Ги подигнува оние кои повикуваат да му го подготват патот на Господа, гласници, пророци, свети Иван Крстител и Пресвета Богородица, Блажена Дева Марија. Во Витлеем, тој почна да воспоставува спасение и мир во светот, преку беспомошноста на својот Син, а не преку силата на моќта. Ова правило важело отсекогаш: Бог се служи со малиот човек, оној кој едвај во светот на моќта го прашуваат нешто и чие мислење не се бара; но Бог со таквите се служи за да ги спроведе своите планови во светот“, пишува Стојанов.
На сите ви посакувам благословено време, радосен Божик и божикни празници. Божјиот благослов нека ве придружува во Новата година, додава епархот.