„БОЖЈИОТ ЧОВЕК“ ОД ТРУБАРЕВО ИМ ЗЕЛ 400.000 ЕВРА Три години „растурал магии“ на брачна двојка од Берово
Се прикажувал како лице со посебни паранормални способности, како истерувач на духови и магии кој има моќ и сила да растури зла магија што наводно била направена над нивниот син и што наводно му ги загрозувала неговото здравје и живот.
На 03.07.2025 година Б.Д. (76) од Берово во СВР Штип пријавил кривично дело – „измама“ по чл. 247 ст.4 од Кривичниот законик на РСМ против лицето Д.И. (54) од село Трубарево, скопско.
„Според пријавителот, во период од 2022 до 2025 година пријавениот со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување на факти ги довел и ги држел во заблуда пријавителот и неговата сопруга М.Д. прикажувајќи се самиот себе како лице со посебни паранормални способности (наводен „бајач“, истерувач на духови и магии) , односно како „божји човек“ кој има моќ и сила да растури зла магија што наводно била направена над нивниот син и што наводно му го загрозувала неговото здравје и живот. Притоа, во наведениот речиси тригодишен период ги навел оштетените лица во повеќе наврати на различни локации во Скопје и во Берово да му даваат парични средства во висина од 5.000 до 6.000 евра за „помошта“, така што се стекнал со противправна имотна корист од вкупно 400.000 евра за посочениот период.
По примањето на пријавата, полициски службеници од СВР Штип во содејство со полициски службеници од ОВР Берово, Одделот за криминалистичка полиција и СВР Скопје, а по насоки на јавен обвинител од надлежното ОЈО Кочани веднаш се преземени мерки и активности за расчистување на кривично правниот настан, при што паричните средства кои оштетениот по предходен договор со пријавениот имал намера да му ги даде, се крим-технички обработени“, информира МВР.
Вчера (04.07.) во Берово од слобода се лишени Д.И. и неговата мајка Д.И. (76) од Трубарево, скопско кај која при извршен претрес се пронајдени 3000 евра. Од извршениот претрес во нивниот дом во Трубарево пронајдени се и одземени се предмети поврзани со кривичното дело – „измама”.