БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА НЕКА ОДИ ПО ЃАВОЛИТЕ! Додиќ веќе не бира зборови на адреса на федерацијата

Не постои уставна БиХ. Постои БиХ во слободен пад и сакам да кажам: Нека оди по ѓаволите! - рече Додик на прес-конференција во Бања Лука.

193

Босна и Херцеговина ќе се распадне, а Република Српска ќе стане независна држава. Сè што кажавме дека се наши политички цели, ќе биде нашата ориентација во иднина – изјави поранешниот претседател на Република Српска Милорад Додик на прес-конференцијата што ја одржа во седиштето на неговиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД) во Бања Лука.

Повод за прес конференцијата беше одлуката на Уставниот суд на Босна и Херцеговина да ја отфрли неговата жалба против казната со која беше осуден на една година затвор и поради која му беше одземен мандатот.






– Јасно е дека Уставниот суд на Босна и Херцеговина е дел од кланот чија цел е да го укине Дејтонскиот мировен договор – рече Додик.

Тој додаде дека за него БиХ е „завршена приказна“ и најави дека ќе следи општа парализа на државно ниво. Во февруари, Парламентот на Република Српска донесе низа закони со кои всушност се обиде да спроведе сецесија, но тие закони беа откажани под притисок на американската администрација, која пак ги укина санкциите врз Додик.

Американскиот претставник во Советот за безбедност на ОН минатата недела појасни дека администрацијата на Доналд Трамп сега очекува „деескалација и стабилност“ во БиХ, но Додик денес стави до знаење дека не се откажува од реториката што го доведе до санкциите.

Тој рече дека „обединетите муслимани и глобалисти“ упорно го уништуваат Дејтонскиот поредок, поради што Босна и Херцеговина, како што рече, всушност се распадна.

– РС и јас, како претседател, веруваме дека не постои уставна БиХ. Постои БиХ во слободен пад и сакам да кажам – нека оди по ѓаволите – рече Додик.

Тој ја обвини Европската Унија дека поттикнува анархија и сака да ѝ ги одземе сите права на РС, а како главен виновник ја именуваше европската комесарка Марта Кос.

– Да нè влечат во ЕУ без статус и право на глас – јас сум против тоа. РС ќе биде против тоа – рече Додик.

Додик е сè уште претседател на владејачката партија, СНСД иако постојат толкувања според кои тој не би можел да ја извршува ни оваа функција откако Судот на Босна и Херцеговина му изрече шестгодишна забрана за политичка активност покрај затворската казна. Судот му го одзеде мандатот, а парламентот ја назначи Ана Тришиќ Бабиќ за привремен претседател до изборите закажани за 23 ноември.

Поврзани содржини