Борисов: Да ги изгладиме сите противречности, идните генерации нема да ни простат

Борисов преку Османи испратил специјален поздрав до премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски.

873

Хероите кои загинаа за слобода не можат да бидат предмет што нѐ дели, затоа што нивниот најдлабок сон беше да бидат заедно и затоа ги дадоа своите животи. Значи, тие треба да бидат мост на пријателството, а не на поделба, му рекол бугарскиот премиер Бојко Борисов на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, на денешната средба на софискиот аеродром, пренесоа бугарските медиуми кои цитираат соопштение од бугарската Влада.

Како што објави денеска бугарската агенција БГНЕС, Борисов рекол дека не треба да се одлага македонскиот и албанскиот пат кон Европската унија и затоа Македонија и Бугарија мора да најдат решение преку преговори со разум, а не со емоции.






„Значи, и вие и ние треба да се подготвиме за преговори со разум, а не со емоции, за да можат нашите соседи да бидат во Европската унија. Геостратешката цел на Бугарија е таа, прашањето е да најдеме политичка волја и ние и вие. Сите противречности меѓу Бугарија и Република Северна Македонија треба да бидат изгладени. Следните генерации нема да ни простат што ја испуштивме оваа голема можност“, му рекол премиерот Борисов на Османи.

Борисов на средбата повторно нагласил дека треба да се исполнат сите обврски од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан во 2017 година. Тој испратил специјален поздрав до премиерот Зоран Заев и до претседателот Стево Пендаровски.

Министерот Османи денеска објави дека е во работна посета на Швајцарија и на Шпанија, и дека имал средба со Борисов на аеродромот, но не кажа детали за тоа што разговарале со бугарскиот премиер пред летот за Швајцарија.

 

Поврзани содржини