БОРИС ТРАЈКОВСКИ, ТВОРЕЦ НА МЕЃУЕТНИЧКИОТ МИР ВО МАКЕДОНИЈА (3) Инспиратор и архитект на Рамковниот договор
Покрај неспорните заслуги на Претседателот Борис Трајковски за зачувувањето на мирот и заедничкиот живот на сите заедници во државата и за одржувањето на интегритетот и суверенитетот на Р. Македонија како унитарна и мултиетничка, заедничка држава, тој стана заслужен и признат и како голем политичар и лидер на меѓународен план. За тоа сведочат и изјавите на светски државници по неговата погибија.
Споменатите блокови во македонската државна структура, со нивните подвоени политички цели и активности, останаа и делуваа и за време на преговорите за дефинирање на Рамковниот договор во Охрид и по неговото донесување. Тоа услови бројни инциденти, злосторства и криминално-терористички напади и жртви меѓу албанското и македонското население и по донесувањето на Охридскиот рамковен договор.
Според изнесеното, произлегува дека од редот на државните функционери на Р. Македонија, Претседателот Борис Трајковски беше тој којшто процени дека има потреба од донесување нови уставни решенија, кои ќе востановат правична и соодветна застапеност и улога на претставниците на немнозинските заедници во институциите на државата и во тие на општествените дејности – на централно и на локално ниво. За постигнување на таа цел, дијалогот меѓу Македонците и Албанците се покажа како единствен метод за мир и одржливост на Р. Македонија како држава. Заради тоа Претседателот Борис Трајковски ги повика политичките партии да земат учество во процесот на обликувањето и дефинирањето на новите уставни решенија.
Преговорите што ја окончаа војната во 2001 година
Од сите политички партии присутни на средбата со Претседателот на Републиката во Собранието на Р. Македонија, предлогот на Претседателот, кој подразбираше промена на Уставот, го прифатија само четири партии, додека другите, дванаесетина партии, не прифатија учество во планираните разговори (или преговори). Предлогот на Претседателот Трајковски го прифатија четирите најголеми партии – ВМРО–ДПМНЕ, СДСМ, ПДП и ДПА, со тоа што ВМРО ДПМНЕ и ДПА покажаа знаци на лавирање околу тој предлог, што не беше за изненадување со оглед на нивните идеи и намери, претходно изнесени и предложени.
На барање на Претседателот Трајковски, во расправата за дефинирање на уставните и другите правни промени – да помогнат претставници на Европската унија и на САД – за учество беа предложени господата Франсоа Леотар од ЕУ и Џемс Пердју од САД. Тие претставници на ЕУ и на САД беа предложени како олеснувачи на преговорите и како свидетели на усогласените решенија, но не и како преговарачи и конструктори на решенијата.
Преговорите, во споменатиот состав и во споменатата улога, почнаа во Скопје, но, по некоку дена, продолжија во Охрид. Тие траеја до 10 август 2001 година, кога Рамковниот договор беше завршен и парафиран како усогласен текст. Официјално како Договор беше потпишан на 13 август 2001 година во Скопје, од страна на Претседателот на Републиката, Борис Трајковски, како претседавач, од претседателите на политичките партии на ВМРО-ДПМНЕ, на ДПА, на СДСМ и на ПДП како преговарачи, и од претставниците на ЕУ и САД како свидетели.
Со Рамковниот договор, во суштина Р. Македонија стана мултиетничка, демократска, држава, со што таа го приопшти и атрибутот – заедничка држава. Според видот на уредувањето, таа остана и понатаму унитарна држава со неподелен суверенитет и интегритет, а според управувањето и донесувањето на одлуките, таа остана демократска држава со исклучување на мајоризација за донесување закони и одлуки директно поврзани за културата, образованието, употребата на јазиците, личните документи, употребата на симболите, локалната самоуправа и границите на општините. Во тие области, законите се носат со предвиденото мнозинство во кое треба да има и мнозинство од оние пратеници и одборници кои се декларирале како припадници на немнозинските заедници. Тој т.н. Бадентеров модел на донесување на одлуки не е модел на т.н. консенсуално одлучување, кое претпоставува усогласување и договарање како процесна фаза или како компонента на самото одлучување.
Донесувањето на Рамковниот договор во 2001 година и неговото инкорпорирање во уставните решенија и во законската област и пракса претставува една од најголемите и најзначајни заслуги на претседателот Борис Трајковски. Со сите негови решенија, а особено со неговите основни принципи, како на пример:
- „Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели“;
- „Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија и унитарниот карактер на државата се неприкосновени и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етнички прашања“;
- „Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот“ итн.
Историски континуитет со Крушевската република
Со тие и со другите решенија во Рамковниот договор, Р. Македонија стана и заличи на заедничка држава во која заедништвото во животот, соодветната застапеност во државните структури и институции и можноста за правично и рамноправно користење на општествените ресурси, станаа и стануваат пореални.
Со сето она што ја карактеризира структурата и работата на државните и на општествените институции, заснована на решенијата на Рамковниот договор, односно на уставните и на законските решенија произлезени од тој Договор, Р. Македонија се повеќе потсетува на структурата и на функционирањето на Крушевската република. На нејзиниот Манифест, на структурата на Собранието и на Владата на таа Република, на донесувањето на нивните одлуки, кои како конкретен историски модел – соодветен на тогашните услови – го афектира нашето чувство дека станува збор за иста или за многу слична идеја и за сличен модел кој соодветствува на мултиетничкото општество и на неговата потреба да се зачуваат заедништвото, мирот и напредокот на сите негови народности.
Друг пример, сличен по идеја и дух со Рамковниот договор од 2001 година, во кој Македонија е проектирана како заедничка држава на сите нејзини народносни заедници со нивно соодветно (процентуално) учество во нејзините институции, е Уставот за идното државно уредување, донесен од страна на Македонската лига во 1880 година, која во тие години, се борела за слобода, за самостојност и за формирање македонска унитарна и демократска мултиетничка држава.
Со двата посочени примери се наметнува идејата и чувството дека тие модели на држава, историски конкретизирани, се во еден вид историски континуитет и идеен допир со Рамковниот договор од 2001 година, со кој, на општ начин, ја асоцираат и афектираат трасата по која општество и држава каква што е денешната Македонија може да се надева на одржливост.
Напуштање на догмата за „еквидистанцата“
Покрај изнесените заслуги на Претседателот Борис Трајковски за зачувувањето на мирот и заедничкиот живот на сите заедници во државата и за одржувањето на интегритетот и суверенитетот на Р. Македонија како унитарна и мултиетничка, заедничка држава, тој стана заслужен и признат и како голем политичар и лидер на меѓународен план.
На тој план Претседателот Борис Трајковски даде скапоцен придонес за унапредувањето на меѓуетничкиот соживот на Балканот и евидентен придонес за зближувањето на Балканот и на другите европски региони, станувајќи иницијатор и учесник во многу регионални иницијативи и движења. Неговата општа позиција и теза, на тој план, беше дека мирот и напредокот на одделните држави и региони е поврзан со градењето општоевропски вредности и со нивниот стремеж да станат дел од Европската унија како општоевропска заедница. Доколку не се вложат сите напори за таа цел, тогаш и одделните држави „и во себе затворените“ региони, на еден или друг начин, со време, ќе станат или криминални и корумпирани држави и региони, или инструментализирани држави и региони на спротивставените светски сили.
Да одиме со ред.
Претседателот Борис Трајковски, на планот со соседните држави, за разлика од ставот и од „догмата“ на претходниот Претседател на Р. Македонија Киро Глигоров за „еквидистанца кон секоја соседна држава“, зазеде став за што поблиска и почеста соработка со секоја соседна држава и за градење заеднички вредности и погледи кон поширока заедничност на регионален и општоевропски план. Токму во таа смисла Претседателот Ѓорѓи Прванов ќе каже дека со Претседателот Борис Трајковски заедно поставиле нова, европска, основа за меѓусебните односи меѓу Македонија и Бугарија и дека за Македонија Претседателот Трајковски бил гарант на мирот и стабилноста, а за Бугарија голем пријател.
Мислењата и оцените на лидерите и државниците на Р. Албанија − Алберт Муслиу и Фатос Нано − беа, дека на Балканот му се потребни политичари од калибарот на Трајковски.
- Алберт Муслиу: „Овој регион многу страдал од национал-шовинистички тенденции и затоа треба да се продолжи со делата и потфатите на Борис Трајковски“;
- Фатос Нано: „Претседателот Трајковски − европски претседател од соседна Македонија во која, во мир и стабилност живеат Македонците и Албанците“.
Оцени и признанија со слична карактеристика дадоа и Воислав Коштуница, премиер на Србија и Јоргос Папандреу, лидер и државник на Грција – имено, дека во ликот на Претседателот Трајковски препознале извонреден човек и државник, односно дека било добро да стане пример за сите лидери од регионот за постигнување мир, благосостојба и соработка меѓу народите.
Со сето она што ја карактеризира структурата и работата на државните и на општествените институции, заснована на решенијата на Рамковниот договор, односно на уставните и на законските решенија произлезени од тој Договор, Р. Македонија се повеќе потсетува на структурата и на функционирањето на Крушевската република.
Лидер на кого можеше да му се верува
Од искажувањата на многу лидери и државници на Европа, Америка и Азија, по случај на трагичното загинување на Претседателот Борис Трајковски, може да се заклучи дека Р. Македонија, за првпат (за жал и единствен) имаше Претседател и државник со неспорен авторитет на голем политичар и храбар лидер на кого може да му се верува, како на човек и визионер на мирот и соработката, на регионално и на општоевропско рамниште.
Еве неколку карактеристични изјави:
- „Тој им беше пријател на Европа и Франција. Беше голем лидер и човек кому можеше да му се верува, и веруваше во подобрата иднина на својот народ и на Македонија“ (Жак Ширак, претседател на Франција);
- „Неповторливо работеше за мирот и стабилноста на Југоисточна Европа и за промоција на македонскиот национален развој… Тој беше голем политичар од Македонија…“ (Ху Ѓинтао, претседател на Н.Р. Кина);
- „Далекувид политички лидер, мудар политичар – загубата е ненадоместлива … за македонскиот народ и за целиот регион и за Европа“ (Леонид Кучма, претседател на Украина);
- „Следбеник и приврзаник на дијалогот меѓу културите, човек кој даде скапоцен придонес кон унапредувањето на меѓуетничкиот соживот на Балканот“ (Карло Чампи, претседател на Италија);
- „Ценет лидер, кој беше целосно оддаден кон среќата и просперитетот на Р. Македонија. Неговата загуба претставува голема загуба како за неговата земја така и за меѓународната заедница“ (Реџеп Таип Ердоган, премиер на Турција).
Никогаш претходно Р. Македонија не била посетувана од толку многу лидери и државници од соседните држави, од Европа и другите континенти, како за време на мандатот на Претседателот Борис Трајковски. Исто така, никогаш понапред во Р. Македонија не биле одржани толку многу меѓународни самити, симпозиуми, конференции, собранија и состаноци на меѓународно, регионално и поопшто ниво, од тие што биле одржани за време на Претседателот на Р. Македонија Борис Трајковски. И, никогаш пред тоа, но и потоа, ниту еден претседател на Р. Македонија немал толку многу настапи и учества колку што имал Претседателот Борис Трајковски и толку многу признанија како регионален, европски и светски политичар од Македонија – како што го нарекле политичари и државници од големи и значајни држави.