Борел очекува промена на политиката на САД кон ЕУ
Шефот на дипломатијата на ЕУ смета дека врските меѓу САД и ЕУ мора да се развиваат врз основа на партнерски односи, што ќе бара понатамошно зајакнување на европската стратешка автономија.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел, денеска, во своето обраќање пред Европскиот парламент најави почеток на „новата ера“ во односите меѓу Унијата и САД.
За време на дебатата за резултатите од претседателските избори во САД, Борел му честиташе на Џо Бајден на „историската победа“, а на американскиот народ за „најголемата излезност во историјата“ и „свеста за важноста на овие избори“.
– Не е тајна дека имавме компликувани односи во последните четири години. Се радувам на враќање на искрен дијалог и, каде е тоа можно, на имплементација на заеднички стратегии и ресурси за нивно спроведување – рече Борел.
Шефот на дипломатијата на ЕУ ја поздрави најавената посветеност на идниот претседател на САД „за враќање на единството и демократските принципи“ и соработка со сојузниците врз основа на „вистинско партнерство“.
Тој истакна дека врските меѓу САД и ЕУ мора да се развиваат врз основа на партнерски односи, што ќе бара понатамошно зајакнување на европската стратешка автономија.
– Тоа значи дека работиме на нашите сопствени можности да реагираме и да се браниме, но истовремено да соработуваме со САД на повеќе полиња – истакна Борел.
Шефот на дипломатијата на ЕУ изрази очекување дека глобалните предизвици ќе бидат во „срцето на трансатлантската соработка“, посочувајќи ја соработката во ООН, борбата против ковид-19, заедничката работа во рамки на Светската трговска организација, зајакнувањето на работата на Светската здравствена организација и борбата против климатските промени како приоритети, како и заеднички пристап кон прашањата кои се однесуваат на Кина, Иран и европското соседство.
– ЕУ и САД беа и ќе останат клучни стратешки партнери во клучни моменти како што се овие сега – заклучи Борел.
Тој вели дека ЕУ е подготвена наскоро да започне соработка со новата администрација во Вашингтон, веднаш по инаугурациите во јануари.