Поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева, денеска седна на обвинителна клупа во Кривичниот суд во Скопје за случајот на СЈО познат како „Друмарина”. Бонева за почетокот на судскиот процес објави на Фејсбук.
Таа информира дека приложила 6.967 докази и 28 сведоци, со кои, како што вели, ќе докаже и пред судот и пред јавноста дека обвинението поднесено против неа е невистинито и паушално, исто како што биле и големите лаги дека била рекордер во земањето на патни трошоци, големата лага дека купила станови со криминални пари и медиумскиот линч што со години билспроведуван врз неа, врз основа на тие лаги.
– Во мојот случај досега се направени повеќе прекршувања на законите, за кои со претставка се обратив до Народниот правобранител, кој врз основа на приложената документација, покрена постапка со цел заштита на моите права . Исто така ги информирав и Делегацијата на ЕУ, Mисијата на ОБСЕ, повеќе амбасади и Коалицијата Сите за правично судење и побарав од нив да го следат судскиот процес. Досега добив одговор од Делегацијата на ЕУ, Mисијата на ОБСЕ и Коалицијата Сите за правично судење дека ќе го следат случајот од аспект на почитување на законите и правото на фер и правично судење. Борбата за правдата и вистината продолжува – напиша Бонева на Фејсбук.