Бонева: СЈО ме обвинува дека не сум патувала, а поднесува докази со кои потврдува дека сум патувала

Поранешната пратеничка тврди дека и по денешното рочиште се потврди неоснованоста на обвинението на СЈО дека од 2011 до 2015 година била сместена во Скопје, дека не патувала и дека ги измамила службите на Собранието дека патувала.

6,817

Поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, која е обвинета во случајот „Друмарина“. дека поднесувала лажни фискални сметки, односно фискални сметки од други лица наместо нејзини и со нив наплаќала патни трошоци во периодот додека беше пратеничка денеска на својот Фејсбук профил ги покоментира  доказите на СЈО.

„СЈО ме обвинува дека не сум патувала, а во исто време поднесува докази со кои потврдува дека сум патувала“, коментира Бонева и додава дека денеска се изведуваа доказите на обвинителството.






„Меѓу кои  имаше 53 фактури, сите платени од моја страна и тоа само од еден овластен сервис каде го поправав возилото во Скопје, кои го потврдија континуираното мое патување, поправките и сервисирањата на моето возило, вклучувајќи ги и поправките по 9те сообраќајки што ги доживеав во периодот 2011-2015 “, пишува поранешната пратеничка

Според неа, ситуацијата е апсурдна.

„Апсурдно е СЈО да ме обвинува дека воопшто не сум патувала, а во истовреме да поднесува докази со кои потврдува дека континуиорано сум патувала, дека речиси секој месец возилото било сервисирано заради помината километража и поправано заради големиот број сообраќајни незгоди.Со тоа и после денешното рочиште се потврди неоснованоста на обвинението на СЈО дека од 2011 до 2015 год сум била сместена во Скопје, дека не сум патувала и дека сум ги измамила службите на Собранието дека сум патувала!“, пишува Бонева.

 

Бонева седна на обвинителна клупа во Основниот кривичен суд во Скопје за случајот „Друмарина“како обвинета е дека поднесувала лажни фискални сметки, односно фискални сметки од други лица наместо нејзини и со нив наплаќала патни трошоци во периодот додека беше пратеничка.

Според Обвинителството, лажните фискални сметки биле поднесува во за периодот од 1 јануари 2011 до 16 декември 2015 година. Обвинителството, исто така, тврди дека таа имала станови во Скопје и не патувала за секоја седница на релација од Струмица до Скопје и обратно.

Таа, пак, тврди дека тоа се лаги и со речиси 7 000 докази ќе го побие обвинението против неа.

 

Истрагата за овој случај, познат како „Друмарина“, ја водеше Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а по примопредавањето на предметите во редовните обвинителства, случајот стана надлежност на ОЈО Скопје. Обвинението беше поднесено на 4 септември лани.

 

Поврзани содржини