БОНБОНА БИЗНИС – МВР ПЛАЌА ПРЕСКАПО, ПОЛИЦАЈЦИТЕ ЈАДАТ КОНЗЕРВИРАНО! Чулев изнесе детали за зделката за снабдување на МВР со храна
Која е потребата да се трошат милиони евра за ангажирање на компанија за достава на храна кога полициските службеници и понатаму ќе добиваат во голем дел само замрзната храна и храна во конзерви – праша Чулев.
Со двата договори од речиси 13 милиони евра, кои компанијата Индустри сервис ги потпишала со МВР на Оливер Спасовски, од буџетот на Министерството за внатрешни работи се одлеваат милионски суми, а полициски службеници и вработените во МВР ќе добиваат храна која е далеку од стандардите и нивните потреби, во голем дел само замрзната храна и храна во конзерви – рече денеска на прес конференција Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ, поранешен министер за внатрешни работи.
– Во период кога се кратат дневниците и прекувремените работни часови на полицајците и МВР штеди буквално на се, Оливер Спасовски распишува два тендери за достава на храна, за два различни објекти на МВР. И двата ги добива Индустри сервис која е отворена за да приготвува оброци, а полицајците во голем дел ќе добиваат конзерви и сува храна, наместо подобра услуга.
Со двата тендери од речиси 13 милиони евра, кои се за период од 36 месеци, годишно Индустри сервис во просек може да наплати по речиси 4.5 милиони евра. Тоа е за речиси една третина повеќе од колку што се трошело до сега. Имено лани за цела година, МВР за набавки на храна потрошила само 3.3 милиони евра – рече Чулев.
Тој посочи дека и двата договори на МВР со Индустри сервис, фирма во сопственост на Драган Смилковски, близок пријател на Спасовски, се полни со конзерви и сува храна.
– Дури и гулашот и гравот во спецификацијата доставена до МВР од страна на фирмата Индустри сервис се во конзерви. Најголемиот дел од храната е сува, и истата ја произведуваат други производители, и не е готвена храна која би ја приготвила Индустри сервис.
Ова значи дека Индустри сервис, само ставила своја маржа на конзервите и сувата храна, а МВР добива поскапа храна, отколку кога само, во одвоени постапки, би ги набавувало тие конзерви и сува храна. Се поставува прашањето, зошто е распишан оглас за достава на храна, а не поединечни огласи? Ако Индустри сервис имал сметка да купува и препродаде храна која друг ја произвел, тогаш зошто МВР не го сторило тоа – праша Чулев.
Тој праша и зошто МВР не ги стави во функција кујните во Центарот за обука во Идризово и Полицискиот центар во Ѓорче Петров, кои имаат најмодерни апарати и се по ХАСАП стандард, туку влегува во милионски договори со фирма блиска до СДСМ.
– Двата тендери кои ги добила Индустри сервис од МВР во вредност од фантастични 13 милиони евра се повредни од фабриката која фирмата ја има! „Бонбона бизнис“ спакуван под параванот на „поквалитетна храна” која полицајците за жал нема да добијат – рече Чулев.
Тој повтори дека Спасовски бил на отворање на фирмата Индустри сервис во Гази Баба, заедно со раковдството од СДСМ, за што приложи фотографии.