„БОМБИТЕ НА ЗАЕВ“ И „ПОТПИСОТ НА СЈО“ ГО КОМПРОМИТИРАЛЕ СУДСКИОТ СИСТЕМ Гордана Јанкулоска ја доби првата голема битка во храмот на европската правда во Стразбур

Судот во Стразбур не се впушта во оценки дали врз основа на докази добиени на незаконски начин во однос на домашното право може да се утврдува вина. Но, важно е да се утврди дали на обвинетите им е дадена можност да ги оспорат тие докази и да се спротивстават на нивната употреба. Ако обвинетите немаат таква можност, каква што немала Гордана Јанкулоска во случајот „Тенк“, голема е веројатноста Судот да утврди повреда на членот 6 од Европската конвенцијата за човекови права, или  попрецизно - кршење на принципите на контрадикторност на постапката и еднаквост на оружјата.

0

Безмалку цели пет години, откако поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска се пожали до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) за повреда на правото на правично судење во случајот „Тенк“, до македонските власти конечно пристигна абер од Стразбур. Со допис до Владата, Стразбур ја отвора правната приказна за овој случај, на начин кој далеку ја надминува индивидуалната судбина на Јанкулоска, која ја одлежи досудената драконска затворска казна.

Со термините кои им се познати на правниците, во моментов се случува следново: Стразбур ја комуницира нејзината апликација до македонската Влада, поставувајќи низа конкретни прашања и со тоа јасно ставајќи до знаење дека наводите на апликантката за повреда на правото на правично судење не се сметаат за неаргументирани или неважни. Во пракса, тоа значи дека овој предмет влегува во сериозна фаза – наместо автоматско отфрлање на жалбата како недопуштена, ЕСЧП бара од државата објаснување за низа чувствителни точки кои се однесуваат на начинот на кој функционира целиот судски систем.






Самиот тој факт, дури и без оглед на конечниот исход, може да се смета за прва добиена битка на Гордана Јанкулоска во храмот на европската правда во Стразбур.

Обвинетата немала пристап до целокупниот материјал со кој располагало Обвинителството

Во центарот на интересот на ЕСЧП се тајно снимените разговори, популарните „бомби на Заев“, кои долги години во јавноста беа прикажувани како клучни докази на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) во повеќе судски постапки поврзани со претходната власт. Така и во случајот „Тенк“, во кој една таква снимка од разговор меѓу поранешниот премиер Никола Груевски и поранешната министерка Јанкулоска, беше сметан за клучен доказ за наводната нелегална набавка на блиндиран „мерцедес“, возило купено по пристојна цена, кое и денес го користи македонската влада.

Во апликацијата на Јанкулоска, освен што се тврди она што сите го знаат – дека таа, како и сите други снимки, произлегуваат од незаконско следење на комуникациите – се наведува дека обвинетата немала реална можност да ја оспори автентичноста на снимката, ниту пристап до целокупниот материјал со кој располагало Обвинителството, вклучително и до потенцијално ослободителни или олеснителни снимки.

Најважниот елемент од дописот на Стразбур, упатен до владата во Скопје во врска со овој случај, е експлицитното прашање дали, во услови кога доказите потекнуваат од тајно прислушување, биле почитувани стандардите на член 6 од Европската конвенцијата за човекови права – дали принципите на контрадикторност на постапката и еднаквост на оружјата биле навистина почитувани, или Обвинителството било во привилегирана позиција, со значително поголем и поизбран пристап до материјалите отколку одбраната.

Интересно е дека во врска со ова, како на правен прецедент, Судот во Стразбур се повикува на сопствената пресуда „Јуксле Јанчикаја против Турција“. Во таа пресуда, Стразбур вели: „Не е улога на Судот да утврди, како прашање на принцип, дали одредени видови докази – на пример, докази добиени незаконски во однос на домашното право – можат да бидат прифатливи или, всушност, дали подносителот на барањето бил виновен или не“. И потоа, Судот прецизира што е важно: „Дали на подносителот на барањето му била дадена можност да ги оспори доказите и да се спротивстави на нивната употреба“.

Стразбур ја торпедира „револуционерната правда“ на Катица Јанева и на Зоран Заев

Значи, да повториме, од перспектива на правата на одбраната, може да се појават прашања според Членот 6 од Конвенцијата, во однос на тоа дали доказите изнесени за или против обвинетиот биле презентирани на таков начин што обезбедуваат фер судење, бидејќи фер судењето претпоставува контрадикторна постапка и еднаквост на оружјата.

Како што е познато, освен спектакуларните апсења и театарските прес-конференции, дел од „потписот на СЈО“ во третманот на осомничените и обвинетите беше отфрлањето на можноста жртвите на „револуционерната правда“ да добијат целосен пристап до нелегалните снимки, наречени „бомбите на Заев“, кои во голем број случаи беа клучни докази врз основа на кои обвинетите беа прогласувани за виновни.

Оспорувањето на таа пракса од страна на ЕСЧП буквално значи торпедирање не само на случајот „Тенк“, туку и на целото сценарио врз основа на кое Катица Јанева, Зоран Заев и нивната обвинителска екипа, заедно со покорните судови, во она време носеа „мир и правда“ во Македонија, за подоцна да разбереме дека заднината на таа операција сепак биле политичкиот преврат и масовниот рекет.

Добрила Кацарска ја „осудила“ Јанкулоска пред судењето, прекршено начелото на претпоставка на невиноста

Судот во Стразбир внимателно го разгледува и темпото со кое се водела постапката против Јанкулоска. Во жалбата е нагласено дека судењето било спроведувано со извонредно густа динамика на рочишта, во период во кој Јанкулоска имала ризична бременост и породување. Притоа се поставува клучното прашање: дали во такви околности обвинетата навистина имала доволно време и можности („adequate time and facilities“)да ја подготви својата одбрана, како што бара член 6 параграф 3 (б) од Конвенцијата. За Стразбур не е доволно формално да се каже дека обвинетата била присутна на рочиштата; Судот сака да знае дали физичката состојба, психолошкиот притисок и забрзаното темпо реално го ограничиле нејзиното право на ефективна одбрана.

Тука доаѓаме и до второ клучно прашање во дописот на Стразбур до владата во Скопје – прашањето за непристрасноста на судот и за почитување на претпоставката на невиност. Клучна фигура е судијката Добрила Кацарска, кој прво претседавала со судскиот совет кој ги осудил Никола Груевски и Ѓоко Поповски за истото дело. Во таа постапка, при изрекувањето на пресудата, Кацарска ја спомнала Јанкулоска како лице што ги поттикнало или ги охрабрило нивните дела.

Со такво предубедување, Кацарска, како претседателка на новиот судски совет, влегла во раздвоената постапка против Јанкулоска. Апликацијата тврди дека на овој начин судијката де факто веќе формирала став за вината на Јанкулоска пред воопшто да започне нејзиното судење. Стразбур бара од Владата да објасни дали во таква ситуација може да се говори за објективна непристрасност на судот и дали изјавите и формулациите од претходната пресуда ја нарушиле претпоставката на невиност. Притоа, ЕСЧП се повикува на нова и релевантна пракса, каде истите или слични ситуации – ист судија во поврзани постапки – веќе биле оценети како проблематични.

Судијата поротник бил декор, а врховни судии биле менувани како чорапи

Еден од најчувствителните аспекти на предметот, кој може да има и многу пошироки последици, е прашањето дали судовите во конкретниот случај биле „судови воспоставени согласно закон“ („tribunal established by law“),во материјална, а не само во формална смисла. Апликацијата презентира изјава на поротникот З.Ј., дадена пред нотар, во која тој тврди дека не учествувал во советувањето и во гласањето во првостепениот совет, дека советување фактички и не се одржало и дека му биле дадени веќе подготвени записници за потпис. Ако овие наводи се покажат како точни, тоа би значело дека пресудата не е донесена од судски совет кој реално функционирал како колегијално тело, туку дека целата процедура била сведена на формална процедура на потпишување документи.

Во ист контекст, апликацијата укажува и на сомнежи во врска со составот на Врховниот суд. Според апликацијата, во одреден момент, двајца судии од петчлениот состав биле заменети со други двајца (А.Ф. и С.Б. со С.К. и Н.Г.), без јасно образложение и без транспарентна трага во списите. Во долга и мачна преписка со Врховниот суд и со Народниот правобранител, одбраната на Јанкулоска барала увид во документацијата, но не добила објаснување кога и зошто дошло до овие промени.

Ова го отвора прашањето дали и највисокиот суд во државата, во оваа конкретна кривична постапка, бил независен, непристрасен и составен на начин што е во согласност со националното право и со стандардите на Конвенцијата. Стразбур, повикувајќи се на силни преседани од својата практика, сигнализира дека овие дилеми не се формални ситници, туку дека се во самиот центар на концептот за правично судење.

Особено важно за Европа на правото е и тоа како вишите судови – Апелациониот и Врховниот – ги третирале дополнителните поднесоци на одбраната. Во жалбата се посочува дека овие судови одбиле да разгледаат нови докази приложени во дополнувања на жалбите, со образложение дека се доставени надвор од рок. Одбраната, пак, тврди дека станува збор за докази до кои не можела да дојде порано. Стразбур тука го отвора прашањето дали прекумерниот процесен формализам не го испразнил од суштина правото на жалба и правото на фер постапка пред вишите инстанци. Во пракса, Судот често констатира повреда на член 6 кога националните судови, при повикување на формални рокови, фактички избегнуваат да се соочат со тежината на новоизнесени аргументи или докази.

Прашањата на Стразбур го засегаат функционирањето на првосудниот систем во целина

Фактот што Стразбур не ја отфрлил уште во старт апликацијата на Јанкулоска, туку сега се впушта во детална комуникација со македонската Влада, недвомислено значи дека Европскиот суд за човекови права има сериозни прашања кои се однесуваат на квалитетот на правдата во еден од најекспонираните предмети од поновата политичка историја на Македонија. Дали на крајот ќе биде констатирана повреда на Конвенцијата или не, зависи од тоа колку убедливо Владата ќе успее да се „одбрани“ за сите овие спорни точки, од тоа како ќе реплицира апликантот и на крајот, од тоа како Стразбур ќе ја оцени вкупната постапка – дали била фер и коректна, или не била.

Но, дури и самото отворање на овие прашања е голема сатисфакција на Гордана Јанкулоска, која за случајот „Тенк“ зад затворски решетки помина 3 години, 1 месец и 4 дена, или 161 недела – според многу мислења, за едно измислено, непостоечко кривично дело. Дописот на Стразбур до Скопје е сатисфакција и за адвокатот што ја подготви апликацијата, Влатко Илиевски, кој трпеливо но активно чекаше од јануари 2021 година до денес Стразбур да постави прашања кои суштински се однесуваат на функционирањето на македонскиот правосуден систем во целина.

Поврзани содржини