БОМБАТА ШТО ПРЕД 76 ГОДИНИ ГО СМЕНИ СВЕТОТ Годишнина од атомскиот напад врз Хирошима (ВИДЕО)

Секоја година во Хирошима се испраќаат 10 милиони оригами во форма на жерави, птици кои се симбол на долговечноста и бесмртноста во Јапонија.

329

Јапонија денеска ја одбележува 76-годишнината од американскиот нуклеарен напад врз Хирошима, први таков напад во човештвото.

Обележувањето на настанот, оваа година е за време на Олимписките игри.






Од 6 август 1945 година, кога САД фрлиле атомска бомба врз јапонскиот град, што го забрзал крајот на Втората светска војна, до крајот на истата година, околу 140.000 луѓе ги изгубиле животите од повреди и болести предизвикани од радијација.

Последните преживеани продолжуваат да го оживуваат споменот за нападот врз Хирошима, а три дена подоцна и врз Нагасаки.

Од тој напад, ниту еден американски претседател не ја посетил Хирошима до 2016 година, кога тогашниот претседател Барак Обама положил венец во спомен-паркот во јапонскиот град.

На 6 август 1945 година, во 8 часот и 15 минути по локално време, бомбардерот Б-29 Енола Геј исфрлил бомба наречена „Малото момче“, од височина од 9.600 метри, која по изминати 43 секунди, експлодирала на 600 метри над земјата. Се проценува дека температурата во центарот на експлозијата достигнала меѓу 3.000 и 4.000 степени.

Бомбата, која била тешка 4 тони, ги убила сите во радиус од 500 метри и уништила 90 отсто од градот. Околу 45 минути по експлозијата, започнал да врне „црн дожд“ од радиоактивни честички.

Три дена подоцна, САД ја фрлила атомската бомба „Дебелиот човек“ врз Нагасаки, при што загинале околу 74.000 луѓе, а Јапонија капитулирала на 15 август.

Војната официјално завршила на 2 септември 1945 година.

Во времето на нападот, 350.000 луѓе живееле во Хирошима, од кои 40.000 биле воен персонал. Денес, градот има околу 1,2 милиони жители.

Според одредени проценки, повеќе од 220.000 луѓе загинале во нападите врз Хирошима и врз Нагасаки.

Секоја година во Хирошима се испраќаат 10 милиони оригами во форма на жерави. Тоа се птици кои се симбол на долговечноста и на бесмртноста во Јапонија.

Поврзани содржини