„БОМБАШИТЕ“ СЕ ЗАКАНУВААТ СО ПУШКИ, ПОЛИЦИЈАТА ЈА МЕНУВА ТАКТИКАТА Евакуацијата на училиштата е нож со две острици – потребна е професионалност

Ако некој ви се заканува дека ќе пука со оружје, а вие во тој момент правите евакуација на училиштето, тогаш постои опасност да му ги изнесете учениците „на тацна“. Значи, потребни се подлабоки анализи, а начинот на евакуација мора да биде професионално изведен и треба добро да се знае како треба да се постапува во случај на опасност, објаснува професорот Стефан Буџаковски.

1,240

„Тактиката на полицијата и на безбедносните служби треба постојано да се менува и да се прилагодува исто онака како што се менува содржината на заканите за евентуални терористички напади во земјава“.

Вака безбедносните експерти со коишто разговараше Плусинфо ги коментираат вчерашните заканувачки пораки што беа испратени до неколку основни училишта во Прилеп, а во кои, наместо вообичаените дојави за бомби кои веќе со месеци ни ги трауматизираат децата, напишано беше дека ќе има пукање од огнено оружје кон прозорците на училишните згради.






На ваквиот нов вид закани со пукотници, коментираат нашите соговорници, полицијата не смее да делува исто како со дојавите за поставени бомби во училиштата, бидејќи, како што велат, евентуалната брзоплета евакуација на учениците со која би се случило групирање на децата пред училиштата, може само дополнително да им ја олесни работата на терористите.

Павле Трајанов: Ако мене ме прашувате, сметам дека подготовката на заканите се врши на домашен терен, а голема е веројатноста да е вклучен и странски фактор кој ги испраќа мејловите.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов забележува дека целата оваа работа со заканувачките мејлови веќе добива драматични размери, па апелира до македонските безбедносни служби да ја подобрат соработката со странските безбедносни служби и да стават крај на драмата.

– Не знаеме со какво огнено оружје се закануваат, но во секој случај, најдобра мерка е да се изврши евакуација на безбеден начин и да се спречи групирање на децата во дворот на училиштата или во близина на училишните згради. Тактиката мора да се прилагодува според заканата. Во МВР има професионалци кои умеат да разработат одлична тактика. Јас мислам дека целата оваа работа околу заканите веќе добива драматични размери и службите мора деноноќно да работат и да ја подобруваат соработката со странските безбедносни служби. Нарушена е безбедноста на граѓаните, се создаваат трауми, децата се чувствуваат несигурни на училиште и на улица, а веќе редно време е да се стави крај на оваа будалаштина – вели Трајанов.

Тој смета дека подготовките на заканите се прави на домашен терен, а дека мејловите ги испраќаат странци.

– Ако мене ме прашувате, сметам дека подготовката на заканите се врши на домашен терен, а голема е веројатноста да е вклучен и странски фактор кој ги испраќа мејловите. Оти, ако подобро анализираме, тешко би им било на странците да ги дознаат училиштата и нивните електронски адреси без да имаат помош од тука – објаснува Трајанов.

Стефан Буџаковски, професор од областа на безбедносните науки и кривичното право, пак, вели дека сите ние треба полека да почнеме да учиме како да ги игнорираме заканите.

– Треба да се посвети поголемо внимание на превентивните механизми во однос на заштита на училиштата, а тука можат да се вклучат повеќе општествени субјекти, не само полицијата. Ни станува јасно дека овој вид хибридна војна, без разлика од кој центар е управувана, веќе го постигна ефектот, но не треба да се продлабочи. Ефектите се негативни, а целта е само заплашување, без да има некои конкретни активности. Затоа, потребно е да научиме да игнорираме. Како што се навикнавме да живееме во пандемија, така ќе се навикнеме да живееме и во хибридна војна, која, за среќа, засега е безопасна – објаснува Буџаковски.

Во однос на новиот вид закани со пукотници од огнено оружје, професорот се согласува дека е време полицијата да ја смени тактиката.

– Ако некој ви се заканува дека ќе пука со оружје, а вие во тој момент правите евакуација на училиштето, тогаш постои опасност да му ги изнесете учениците „на тацна“. Значи, потребни се подлабоки анализи. Не велам дека училиштето не треба да се испразни ако постои некаква закана, но начинот на евакуација мора да биде професионално изведен и треба добро да се знае како треба да се постапува во случај на опасност. Ако сме сериозна држава, тогаш треба сериозно да му пристапиме на проблемот, но тоа никако не смееме да го правиме врз грбот на децата – вели Буџаковски.

Во електронското поштенско сандаче на прилепското основно училиште „Блаже Конески“, а најверојатно и во останатите три училишта во истиот град, вчера за првпат пристигнале вознемирувачки пораки, а заканувачот се заканил дека ќе пука со огнено оружје кон прозорците на училиштата.

„Денеска нема да поставиме бомба, туку ќе пукаме кон училишните прозорци“ – стоело во дописот испратен до училиштето ООУ „Блаже Конески“ од Прилеп, дознава Плусинфо.

Голем број дојави за бомби имаше и утринава, а освен закани за поставен експлозив во 11 скопски училишта, трговски центри, хотели, музеи, судови, имаше дојава и за поставена бомба во домот на претседателот Стево Пендаровски. За среќа, по неколкучасовна темелна проверка на објектите, МВР соопшти дека дојавите се лажни.

Прилепчани бараат помош

Општина Прилеп денеска одржа седница на Кризниот штаб на којшто присуствуваа сите релевантни институции надлежни за да реагираат при закани со пукање од огнено оружје кон училишта.

– Дојдовме до заеднички заклучок дека треба со допис да се обратиме до Група за проценка, каде што уште вчера се доставени овие информации, тие потоа ќе се обратат до Управувачкиот комитет, којшто во најбрз временски период во текот на денот, со одлука на Влада ќе добиеме инструкции како се постапува и после извршувањето на проверка од безбедносен карактер – истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп. 

Средба во Општина Прилеп денеска одржаа и директорите од сите основни и средни училишта од Прилеп, на која повторно се разговараше за тоа како без паника да се поставува во вакви ситуации и како да се изврши најитна евакуација на децата.

„ЖРТВИ МОРА ДА ПАДНАТ, ВЛАСТА НА СДСМ ДА СЕ ТРГНЕ“ Што пишува во заканувачките мејлови за бомби пратени утринава?

ДОЈАВА ЗА БОМБА ВО ДОМОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ Хотели, музеи, трговски центри – наредена е евакуација!

Поврзани содржини