Болсонаро се заканува со отфрлање на резултатите од претседателските избори

180

Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро денеска изјави дека може да не го прифати резултатот од претседателските избори следната година, освен ако системот за гласање, кој користи компјутери за регистрирање на гласовите, не биде заменет со испечатени гласачки ливчиња, на кои тој ги дава предност.

– Ако овој метод продолжи, тогаш ќе има проблеми, бидејќи едната страна, односно нашата, можеби нема да го прифати резултатот – истакна Болсонаро во интервју за една радио станица.






Анкетите на јавното мислење покажуваат дека Болсонаро според рејтингот заостанува зад Луис Инасио Лула да Силва, поранешниот левичарски претседател.

Болсонаро минатата недела нагласи дека нема да го предаде претседателското место доколку се случи измама со гласовите.

Порталот „Аксиос“ пишува дека Болсонаро се заканил дека ќе ги негира резултатите од претседателските избори, во момент кога е под зголемен притисок поради скандалот околу набавката на вакцини.

Бразилскиот Сенат организираше јавни расправи за начинот на кој власта се справи со пандемијата, при што се покажа дека Владата на Болсонаро игнорирала неколку понуди за набавка на вакцини, вклучително и од компанијата Фајзер, пренесува порталот Аксиос.

Поврзани содржини