БОЛОНСАРО ГО ОСУДИ ОДНЕСУВАЊЕТО НА НЕГОВИТЕ ПРИВРЗАНИЦИ Суспендиран е гувернерот на Федералниот округ на Бразил

Приврзаниците на поранешниот бразилски претседател вчера се судрија со полицијата и упаднаа во зградите на Националниот конгрес (Парламентот), претседателската палата и Федералниот врховен суд.

202

Поранешниот бразилски претседател, Жаир Болсонаро, чии приврзаници вчера упаднаа во Националниот конгрес, претседателската палата и Врховниот федерален суд, на Твитер напиша дека „нападите и уништувањето јавни објекти” е во спротивно правото на мирен протест.

Во друг твит Болсонаро, кој се наоѓа во во САД, ги отфрли „недокажаните обвинувања” на неговиот наследник Лула, дека за „фашистичкиот вандализам” е виновна реториката на неговиот претходник.






И партијата на поранешниот претседател ги осуди постапките на неговите приврзаници, јави ДПА.

– Денес е тажен ден за бразилската нација. Денешните настани во Бразил се срам за сите нас, тие не ја претставуваат нашата партија, тие не го претставуваат Болсонаро – изјави лидерот на Либералната партија, Валдемар Кошта Нето.

Во меѓувреме Врховниот федерален суд на земјата го смени гувернерот на Федералниот округ на Бразил, Ибањез Роша.

Тој е суспендиран на „најмалку 90 дена” поради „злонамерно непостапување”.

„Ништо не може да го оправда неделувањето и толеранцијата на шефот на службата за јавна безбедност и гувернерот на федералниот округ кон криминалците кои претходно ја објавија својата намера да извршат насилни дејствија против властите”, се вели во одлуката. 

Судот, исто така, нареди дека камповите во близина на воените бази поставени од поддржувачите на Болсонаро кои повикуваат на државен удар мора да бидат отстранети во рок од 24 часа и дека патиштата и зградите мора да се деблокираат. 

Приврзаниците на поранешниот бразилски претседател вчера се судрија со полицијата и упаднаа во зградите на Националниот конгрес (Парламентот), претседателската палата и Федералниот врховен суд. Тие не ги признаваат резултатите од октомвриските претседателски избори. Според прелиминарните податоци, во немирите учествувале околу 5.000 луѓе.

Поврзани содржини