БОЛНИТЕ ДЕЦА НАМЕСТО ВО КОЗЛЕ ЌЕ СЕ ПРИМААТ НА ДРУГИ КЛИНИКИ Времено решение додека не дојде вода
Универзитетската клиника за детски болести и Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби времено ќе ги згрижуваат пациентите кои ќе имаат потреба од хоспитализација, а во Козле ќе продолжат амбулантските прегледи и третманот на пациенти во дневна болница.
Министерството за здравство информира дека поради прекин во водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата– Козле, веднаш е побарано од Универзитетска клиника за детски болести и Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби времено да ги згрижат пациентите кои ќе имаат потреба од хоспитализација, додека во Козле ќе продолжи третманот на пациенти во дневна болница и амбулантските прегледи.
Оваа иницијатива е во насока на обезбедување континуитет во третманот и грижата за најмладите пациенти, велат од Министерството.
Министерството за здравство ја следи состојбата и по нормализирање на водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле, непречено ќе продолжи хоспитализацијата на пациентите во оваа јавна здравствена установа.
Детската клиника Козле од вчера е без вода откако претходните денови имало слаб притисок, зашто се наоѓа во висока урбанистичка зона.
Директорката на болницата Катерина Бошкова за порталот Сакам да кажам изјави дека функционират со цистерни со техничка вода која им ја донеле од ЈП „Водовод и канализација“.
– Се примаат пациенти, единствено не работи лабораторијата за венска крв. Вода за миење и за чистење имаме од цистерни, а за пиење добивме донации. Ни рекоа дека проблемот е тоа што сме во висока зона, а поради топлото време и големата потрошувачка се јавува недостиг. Се надеваме дека проблемот наскоро ќе се реши – рече Бошкова.
ЈП Водовод и канализација – Скопје вчера повторно апелираше до граѓаните да внимаваат на што ја трошат водата, зашто продолжува енормно зголемената и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво, што предизвикува нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем.
Како последица на сето ова, градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во делови од градот.
– Имајќи го предвид фактот дека градот Скопје се снабдува од природен извор со ограничени количини вода за пиење од непроценлива вредност, апелираме до сите граѓани на градот Скопје за рационална и совесна употреба на водата за пиење, како и избегнување непотребно трошење на водата за полевање на зеленило, бавчи и ниви, за перење автомобили, за полнење базени и слично – апелираа од ЈП Водовод и канализација Скопје.
НЕ ПОЛЕВАЈТЕ ТРЕВНИЦИ И НИВИ, НЕ ПОЛНЕТЕ БАЗЕНИ! Делови од Скопје без вода или со намален притисок