БОЛНИЦИТЕ ВО ШВАЈЦАРИЈА ДОБИЈА ДОНАТОРСКА КОЖА Битка за спас на повредените во Кран Монтана

Холандската банка за ткива испрати донаторска кожа за лекување на тешко повредените, додека Швајцарија утре ќе одржи национален ден на жалост за жртвите од пожарот во Кран Монтана.

413

Болниците во Цирих примија 9,3 квадратни метри донаторска кожа за повредените во катастрофалниот пожар во бар во швајцарскиот ски-центар Кран Монтана, соопшти холандската банка за ткива која ја изврши доставата. Донорска кожа од починати донори е испратена и во Лајпциг, каде што се лекуваат тројца од повредените во пожарот.

Портпаролот на банката за ткива „ETB-BISLIFE“ информира дека пратката веќе е распределена во Универзитетската болница и Детската болница во Цирих. Тој изрази благодарност до швајцарските царински власти за брзата и ефикасна соработка, која овозможила кожата да биде обработена и доставена без никакви одложувања.






Донаторската кожа се користи како привремен заштитен слој за раните кај пациенти со тешки изгореници, со што се намалува ризикот од инфекции и се овозможува побрзо заздравување, додека не се изврши трајно пресадување на сопствена кожа.

Пожарот во барот „Констеласион“, кој избувна во раните утрински часови на 1 јануари, однесе 40 животи, а 116 лица се повредени. Според официјалните податоци, половина од загинатите се малолетници.

За утре во Швајцарија е прогласен Ден на национална жалост. Граѓаните се повикани да им оддадат почит на жртвите со едноминутен молк точно во 14:00 часот по локално време. На официјалната комеморативна церемонија во кантонот Вале се очекуваат над 1.000 присутни, меѓу кои и делегации од повеќе од 30 држави. Учество на церемонијата потврдија и претседателите на Италија и на Франција, Серџо Матарела и Емануел Макрон.

Поврзани содржини