БОЛНИЦАТА ВО ГОСТИВАР ПОЧНА СО ОРТОПЕДСКИ ОПЕРАЦИИ Ќе се вршат со тим од скопската Клиника за трауматологија

Првпат Гостивар добива хируршка сала за ортопедија и за трауматологија. Оваа новина е многу значајна за жителите на Гостивар и околината, имајќи предвид дека повеќе ќе нема потреба да патуваат до Скопје за вакви интервенции, вели министерот за здравство Азир Алиу.

173

Гостивар за првпат доби хируршка сала за ортопедија и трауматологија, најави министерот за здравство Азир Алиу, кој денеска ја посети Општата болница во Гостивар, каде се реализирани повеќе значајни инвестиции за унапредување на условите за пациентите.

– Реновиран е Ургентниот центар, инвестиција во вредност од 4 милиони денари. Првпат Гостивар добива хируршка сала за ортопедија и за трауматологија. Оваа новина е многу значајна за жителите на Гостивар и околината, имајќи предвид дека повеќе ќе нема потреба да патуваат до Скопје за вакви интервенции – рече тој.






Новата сала е комплетно опремена со најсофистицирана апаратура во вредност над 9 милиони денари, додаде министерот.

– По тој повод, денеска сме тука заедно со д-р Игор Мерџаноски од Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија и реанмација од Скопје. За денеска се закажани првите 5 операции во новата сала, кои се вршат во соработка со тимот од Клиниката за ТОАРИЛУЦ. Освен од Гостивар веќе се закажани за операција и пациенти од други градови – рече министерот Алиу.

Во болницата во Гостивар, додаде тој, во тек е постапка за вработување 37 лица од медицински и немедицински кадар, која ќе продолжи веднаш по изборите, а вработени се и 28 специјализанти од различни области.

Поврзани содржини