БОКИ 13 ВРАТЕН ВО ЗАТВОР СО ПРЕТКАНЦЕРОГЕНА СОСТОЈБА Правниот тим на Јовановски бара да биде пуштен на лекување поради опасност за неговиот живот
Од медицинската документација, која исто така Ви ја доставуваме во целост, јасно стои: „Доколку не се спроведат дадените препораки за понатамошно лекување на пациентот исклучиво и единствено во задолжителни домашни услови, согласно сето погоренаведено ќе настанат трајни последици по животот и здравјето на пациентот.
Осудениот Бојан Јовановски-Боки 13 кој издржува казна за случајот „Рекет“ е вратен во затвор во претканцерогена состојба. Ова го соопшти правниот тим кој алармира дека во пенални услови, состојбата на Јовановски ќе се влоши, а се повикуваат на медицинските извештаи потпишани од десетици доктори од различни установи.
– Ваквото постапување е спротивно на препораките дадени од десетици лекари кои го лекуваа Јовановски во изминатиот период, спротивно на конзилијарните мислења и лекарските извештаи. Во нив јасно стои дека без прекин на казната, услови за лекување на метаплазието на желудник не може да се спроведе во пенални услови, а со оглед на специфичната состојба во која се наоѓа – се наведува дописот на правниот тим на Боки 13.
Тие доставија и хистопатолошки наод од Институтот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје каде се констатира: „Наодот одговара за хроничен гастритис со фокуси на интестинална метаплазија“.
– Од медицинската документација, која исто така Ви ја доставуваме во целост, јасно стои: „Доколку не се спроведат дадените препораки за понатамошно лекување на пациентот исклучиво и единствено во задолжителни домашни услови, согласно сето погоренаведено ќе настанат трајни последици по животот и здравјето на пациентот. Наодот е реферириран на стручен колегиум на ЈЗУ УК св. Наум Охридски и стручниот колегиум е едногласно согласен за дадените препораки и упатство за понатамошно лекување“. И од Клиниката за дигестивна хирургија, чиј наод Ви го доставуваме, е посочено: „Се придржуваме кон препораките издадени од колегите од ЈЗУ УК св. Наум Охридски, со оглед на фактот дека пациентот таму е опериран и лекуван и од ЈЗУ за Гастроентерохепатолигија каде што е прегледуван и иследуван“. Потсетуваме дека Јовановски веќе алармираше дека е мета на невидена и незапаметена тортура, која исто така, влијае на неговото здравје. Враќањето на Јовановски во пенални услови и во ваква здравствена состојба не претставува само грубо кршење на неговите права, туку и опасност за неговиот живот – додава правниот тим на Боки 13.
Јовановски очекува тортурата кон него да биде поинтензивна и поради сите јавни објави, потенцираат тие и ја повикуваат јавноста будно да го следи процесот кој тој го иницираше.