БОКИ-13 ОДНЕСЕН НА ОПЕРАЦИЈА Целосно ќе му биде отстранет желудникот
Застапниците на Боки-13 велат дека оваа тешка операција, после која тој ќе има траен инвалидитет, можела да се избегне доколку било прифатено нивното барање за прекин на отслужување на затворската казна од здравствени причини.
Бојан Јовановски, познат како Боки-13, осуден во случајот „Рекет“, кој издржува затворска казна во КПУ „Идризово“, денеска изутрина е хоспитализиран во Универзитетската клиника за хируршки болести Св. Наум Охридски – Скопје, каде треба да му се изврши операција на тотална гастректомија, односно целосно отстранување на желудникот – информираа неговите адвокати.
„Согласно специјалистичкиот извештај, ве информираме дека за извршувањето на операцијата, која по својот карактер е сложена, високоризична и со неизвесен исход, формиран е тим на повеќе хирурзи – специјалисти од областа кои ќе ја извршат операцијата, а истовремено напоменуваме дека хирурзите – специјалисти се оградуваат од ризикот и одговорноста за исходот од оперативниот зафат, дотолку повеќе што тие навремено и повеќекратно даваа категорични препораки и укажувања преку конзилијарните стручни мислења, да не дојде до оваа операција и да се избегне овој мутилантен хируршки зафат, од причини што самата хируршка интервенција е високоризична и сложена, придружувана со можни компликации кои можат да бидат кобни за пациентот – се вели во известувањето.
Застапниците на Боки-13 велат дека оваа операција можела да се избегне доколку било прифатено нивното барање за прекин на отслужување на затворската казна од здравствени причини.
„Оттука, произлегува фактот дека поради апсолутно и крајно непочитување на издадените задолжителни препораки и мислења на стручните колегиуми на државните клиники од страна на судските власти и Управата за извршување на санкциите, дојде до оваа непосакувана и ризична актуелна здравствена состојба на Бојан Јовановски, после која во најдобар случај и позитивен исход од операцијата, Бојан Јовановски ќе биде со траен инвалидитет. Целата оваа ситуација и операцијата можеше да се избегне доколку властите кои одлучуваа по барањата за прекин ги почитуваа специјалистичките препораки кои категорично укажуваа дека ќе дојде до сето ова, бидејќи во затворски – пенални услови нема можност за лекување и третирање на болеста на пациентот“ – се вели во соопштението.
Правниот тим на Јовановски доставил до Основниот кривичен суд ново барање за прекин на издржување на казната затвор, согласно чл.224 ст.2 од ЗИС, и очекува позитивна одлука која ќе биде донесена во итен рок.