Богоевски: Ми лепеа разни случаи само за да ме следат со ПИ мерки

637

Во сите случаи на УБК и БЈБ е прекршен законот со снимање на спектакуларни апсења, со лажни сведоци, со незаконски прислушкувани разговори. Со овие постапки се кршел Уставот и Законот од страна на УБК каде шеф бил Сашо Мијалков, министер Гордана Јанкулоска и нивни блиски, изјави поранешниот шеф на тајната полиција Слободан Богоевски, кој сведочеше како оштетен на денешното судење за „Таргет-Тврдина“.

Сведокот-оштетен рече дека во периодот од 2008 до 2015 работел во приватна фирма и бил консултант, а до СЈО има поднесено бараење за добивање информација дали бил прислушуван.






– Од вработени во УБК бев предупреден дека моите комуникации се следат, а сум бил и физички следен. Како изминуваше времето, сѐ повеќе добивав информации од вработени во УБК да пазам што зборам и со кого се сретнувам. Од 2009 година добив информации дека незаконски се барале ПИ-мерки против мене – рече Богоевски.

Тој рече дека него го „лепеле“ за разни случаи само за да траат ПИ-мерките.

– Овие незаконски следени комуникации беа искористени полициски да се монтира случај против мене и уште неколку други лица каде единствен доказ е дека јас сум се познавал со двајца адвокати. Во сите случаи на УБК и БЈБ е прекршен законот со снимање на спектакуларни апсења, со лажни сведоци, со незаконски прислушкувани разговори. Со овие постапки се кршел Уставот и Законот од страна на УБК каде шеф бил Сашо Мијалков, министер Гордана Јанкулоска и нивни блиски – рече Богоевски.

Тој посочи дека нему му е предизвикана голема штета.

– Незаконски бев во притвор со месеци. И денес ги трпам последиците донесени од судот по наредба на Мијалков. За сите средби на Мијалков со сите обвинители и судии кои учествувале во овој предмет имам докази. Имам писмени искази заверени на нотар кои присуствувале на тие средби. Многу пресуди се правосилни како и мојата, но се базирани од нелегално прислушкувани разговори. Барам штета за материјална штета од милион евра – истакна Богоевски.

По своето сведочење, во изјава за медиумите пред Судот, Богоевски, рече дека ова е едно од клучните предмети на СЈО, за да се дознае зошто државата организирала масовно следење на комуникациите.

– Ова не е случај на следење на комуникации, од некој радознал што сака да ѕирне во нечија прватност, туку државен систем за незаконито следење на комуникациите, мотивиран од криминални, политички, економски и други цели. Како таков мора да има брз разрешница – изјави Богоевски.

Тој додаде дека не се битни тие како поеднци, туку дека масовноста на следењето на преку 20 илјади лица, зборува за монструозен систем што треба најстрого да се казни.

Поврзани содржини