Богдановиќ: Сѐ уште не сум дал правосилност на дозволата за првата зграда
Градоначалникот нагласи дека за штетите кои би настанале доколку Општината донесе одлука за суспензија на овој урбанистички план ќе платат граѓаните.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ денеска потврди дека инвеститорот преку е-системот на Општината поднел барање за градежна дозвола за првата зграда што е предвидена да се гради спроти „Холидеј ин“, меѓутоа, како што рече, барањето сѐ уште не е правосилно.
– Инвеститорот си го поднесува проектот, си уплаќа комуналии и нормално дека си поднесува барање за одобрение. Моментот е што тој си аплицира во системот. Управната постапка завршува на крај со правосилност. Јас сѐ уште не сум дал правосилност – изјави Богдановиќ.
Тој нагласи дека во моментов имаат забрана од Уставен суд да преземаат какви било дејствија и повторно укажа за штетите кои би настанале доколку Општината донесе одлука за суспензија на овој урбанистички план.
– Каква било одлука што ќе донесете мора да ги предупредите и советниците кои гласаат за таа одлука, но пред сѐ и граѓаните дека штетата за такви одлуки може да ја плаќаат – нагласи Богдановиќ.