Богдановиќ: Ако најавуваме дека ќе го обновиме дрворедот на Орце Николов, тоа ќе го направиме
Градоначалникот на општина Центар рече дека исечените дрвја биле шупливи и без корен.
Во дрворедот на улицата Орце Николов во Општина Центар има 171 дрво, а решение има за отстранување на 13 заболени дрва. Вчера беа отстранети осум, а на истото место ќе бидат засадени нови, информира денеска градоначалникот на Општината, Саша Богдановиќ.
Тој посочи дека отстранетите дрва се стари, суви и без корени, а самите граѓани се чувствувале загрозено.
– Ние кога најавивме, најавивме дека нема да фали ниту едно дрва на местата каде што се засадени. Ако е утврдено дека дрвото е старо и суво, секако дека ќе биде заменето. Луѓето реагираат при било каква промена и сеча и овие дрва се опасни. При најмал дожд или реконструкција на улицата, може да направат проблем – додаде Богдановиќ.
Тој појасни дека дрвјата кои вчера беа исечени воопшто немале корени и само требало посилен дожд за некој да настрада.
– Тој дрворед не е третиран со децении. Како што ќе оди реконструкцијата, се што е опасно дрво ќе биде заменето. Отстрануваме болно, старо и исушено дрво – појасни Богдановиќ.
Градоначалникот појасни дека денеска има екипа на терен, каде што се прават подготовки за засадување на нови дрва.
– Јас знам дека граѓаните реагираат на каква било промена во врска со сечата на дрва и зеленило, но да дополнам дека на улицата Орце Николов, имаше шупливи дрја, а тие што изгледаат наводно здрави на фотографиите, немаат корени. Дрво без корен е ризично – додаде Богдановиќ.