БОГАТИТЕ ЗЕМЈИ ДУПЛО ПОВЕЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ Европа е поделена на богати и сиромашни
Ако богатите земји вакцинирале 100 од 100 жители, или над тоа, помалите и посиромашните европски земји, кои според Светската банка имаат просечни примања, дале двојно помалку дози – 63 на 100 жители. Една третина од нивните жители (34 проценти) примиле барем една доза, а 27 проценти биле целосно вакцинирани. Тоа е скоро два и пол пати помалку од богатите, кои досега имаат 65 до 70 отсто целосно вакцинирано население.
Богатите ЕУ-земји се вакцинирале скоро два и пол пати повеќе од сиромашните, а тоа се должи на чекањето за вакцините и на неинформираноста во помалите средини, јавува РТС. Додека кај богатите земји просекот е 65 до 70 отсто, кај сиромашните тој е одвај 30 отсто, па така се добива дека на ниво на ЕУ се вакцинирани околу 47 отсто од луѓето.
Во моментов, Македонија се бори да го заокружи процентот на вакцинирани од 30 отсто или една третина од населението. Дали беа неправедно игнорирани посиромашните ЕУ-земји во трката кој прв ќе ги набави вакцините? Едно е сигурно, јазот меѓу ЕУ-земјите е „загрижувачки“, како што неодамна го нарече еврокомесарката за здравство, Стела Киркијадис.
Не е за чудење што пред два дена, на 30 август, Светската здравствена организација посочи на „недостаток на пристап до вакцини во некои земји и недостаток на прифаќање на вакцини во други“.
Клубот на богатите
На чело на Европа, но и во светот, според вакцинацијата, се Португалија, со 73 проценти целосно вакцинирани жители, Данска (71 проценти), Шпанија (69 проценти), Франција (65 проценти) и Велика Британија (63 проценти).
Во 34 од 51 европска земја кои, според Светската банка, имаат високи примања, биле дадени во просек по 122 дози на 100 жители. Меѓу нив се огромното мнозинство членки на ЕУ, Обединетото Кралство, Норвешка и Швајцарија.
Две третини од жителите на тие земји примиле барем една доза и 60 проценти од двете дози.
Клубот на сиромашните
Европските земји со најниски стапки на вакцинација се Ерменија (три проценти целосно вакцинирани), Украина (девет проценти), Грузија и Босна и Херцеговина (по 11 проценти). Тие земји беа меѓу последните во Европа што започнаа кампања за вакцинација, во февруари и март.
Колку се тоа дози на 100 жители? Ако богатите имаа 100 од 100, или над тоа, помалите и посиромашните европски земји, кои според Светската банка имаат просечни примања, дале двојно помалку дози – 63 на 100 жители.
Една третина од нивните жители (34 проценти) примиле барем една доза, а 27 проценти биле целосно вакцинирани.
Тоа и не е така лошо, ако се земе дека просекот на примени дози за цел свет во моментов е 68 на 100 жители, пренесува бриселскиот портал Еурактив.
Бугарија е најсиромашна и најневакцинирана во ЕУ
Во Бугарија, единствената земја со ЕУ со среден приход, само 17 проценти од населението е заштитено со две дози на вакцината! На Бугарија не и недостасуваат вакцини, туку довербата на нејзините граѓани во вакцините.
Меѓутоа, во европските земји надвор од ЕУ, каде што стапката на вакцинација е ниска, покрај скептицизмот, постои и недостаток на вакцини.
Како стои Европа во однос на светот?
Во светот, Европа е на второ место по бројот на дадени дози, по Соединетите држави и Канада, каде што беа дадени 115 дози на 100 жители. На трето место е Азија со 77 дози на 100 жители.
Нешто повеќе од половина Европејци, 53,5 проценти примиле барем една доза, а 47 проценти биле целосно вакцинирани.
На 31 август, ЕУ ја постигна целта да има 70 отсто од возрасните кои биле целосно вакцинирани против коронавирусот пред крајот на летото. Повеќе од 256 милиони возрасни луѓе сега се целосно вакцинирани во Унијата, објави Европската комисија.
До денеска, најмалку 845,5 милиони дози се дадени во Европа, вклучувајќи ги Русија и Турција, според агенцијата Франс прес. Ова значи дека биле дадени 99 дози на 100 жители.