Од „Беласица“ на Европско – како се градеше кариерата на Гранде Горан (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентентативец засега се збогува до настапите во националниот дрес на Македонија, но сѐ уште не е познато кога тој ќе ги закачи копачките на ѕид и ќе се прости со официјалното играње на фудбал, затоа што Пандев има договор за уште една година со екипата на „Џенова“.

561

По две децении од неговото деби со националниот дрес на Македонија, капитенот Горан Пандев денеска против селекцијата на Холандија ќе го одигра последниот меч во црвено-жолт дрес.

Натпреварот во Амстердам ќе биде 122 за Пандев во македонскиот дрес. Тој е македонски рекордер според бројот на настапи (121), како и по постигнати голови (38).






– Ова е мој последен натпревар во дресот на Македонија. Оваа генерација го направи најголемиот успех во историјата на фудбалот во Македонија и сметам дека е вистински момент да се збогувам од националниот дрес. Среќен сум што се повлекувам на овој начин. Можам да кажам дека подобро збогување од дресот на Македонија на Европско првенство и не можев да посакам. Има емоции, но знам како да се носам со нив – изјави Пандев на официјалната прес-конференција спроти денешниот дуел со Холандија што започнува од 18 часот на Арената „Јохан Кројф“ во Амстердам.

Официјалното деби за Македонија, Горан Пандев го имаше во јуни 2001 година, на гостувањето во Бурса против Турција (3:3) во квалификацискиот натпревар за Светското првенство во фудбал, ФИФА. Сепак, најдобриот македонски фудбалер на сите времиња својот првенец во имаше една година подоцна на 21 август 2002 во натпреварот Македонија-Малта 5-0, во кој постигнал гол.

На овие репрезентации Пандев им ја затресе мрежата во националниот дрес

Зад името на Пандев остануваат запишани вкупно 38 репрезентативни погодоци, а „Гранде Горан“ ќе има можност оваа бројка да ја зголеми на вечерашниот дуел во арената „Јохан Кројф“ против Холандија. Тој на „лалињата“ веќе им има постигнато два погодоци, при ремито од 2-2 на 9 октомври 2004 година и при поразот од 1-2 на 10 септември 2008 година.

Севкупно гледано, Пандев како член на македонската репрезентација ја тресел мрежата на 21 различна селекција, почнувајќи од Малта и дебитантскиот погодок постигнат при победата од 5-0, на дуелот одигран во Скопје на 18 август 2004 година. Пандев беше двапати прецизен и во дуелот со истиот ривал наредната година, како и при победата од 2-0 во 2018 година, па денешниот меч со Холандија е можност „лалињата“ да станат втората репрезентација ривал на која македонскиот великан успеал да стрела прецизно на три различни натпревари.

На листата од 21 репрезентација се наоѓа и Чешка, при убедливиот пораз од 6-1 во 2005 година, како и аутсајдерот Андора, на кој Пандев на двата меча при убедливите победи од по 3-0 даде по еден гол. Од неевропските селекции, тука се Иран, Канада и Катар, а еден од најнезаборавните мечеви на Пандев во националниот тим е пријателскиот дуел со Шпанија, на кој беше свечено отворена Националната арена по зголемувањето на капацитетот и доградбата на северната трибина. Македонската „десетка“ блескаше со два гола во првото полувреме против моќната „црвена фурија“, која на крајот сепак успеа да направи пресврт и да стигне до победата.

Пандев умешно го најде и патот до мрежата на Црна Гора во 2010 година, а пред најдобриот македонски напаѓач капитулираа и голманите на Азербејџан и на Литванија. Тој беше стрелец и во победата од 3-0 над Данска, а потоа даде два гола и во триумфот од 4-0 над Белорусија. Норвешка и Израел исто така се дел од овој список, како и аутсајдерот Лихтенштајн против кој Пандев биеше прецизно при победата од 4-1.

Австрија е уште една репрезентација на која Пандев ѝ има дадено два гола, во квалификациите за ЕВРО 2020 и на мечот во Букурешт во групната фаза од европскиот шампионат. Во Лигата на Европа тој стрелаше прецизно против Летонија, а потоа го постигна и најзначајниот погодок во македонската фудбалска историја – за триумф над Грузија и Пласман на ЕВРО 2020.

Тој беше прецизен и при ремито од 3-3 на гостувањето против Естонија, а како момент за историја ќе остане и неговиот гол за водство од 0-1 во историската победа во Дуизбург над Германија.

Легендарниот струмичанец имаше намера да се повлече од меѓународниот фудбал во 2015 година, но беше убеден да продолжи да игра од страна на селекторот Игор Ангеловски. Пандев го заработи својот 100-ти натпревар во триумфот над Летонија со 3:1 на домашен терен во квалификациите за УЕФА за ЕВРО 2020 во март 2019 година. Тој го постигна единствениот гол на тимот во победата на Македонија во плејофот на Грузија од 1-0 против Грузија во ноември 2020, со што Македонија се пласираше на голем меѓународен турнир за прв пат. На турнирот го постигна првиот погодок на Македонија на некој голем турнир, во деби натпреварот против Австрија и поразот од 3:1, со што стана вториот најстар стрелец во финалето на едно Европско првенство, само зад Ивица Вастиќ.

Денеска се става крај на една неповторлива репрезентативна кариера, а бројките што „Гранде Пандев“ ги остава зад себе ќе бидат тешко достижни за генерациите што следат.

Во клупската кариера облекол дресови на 8 клубови

Пандев ја започнал својата кариера во ФК „Беласица“ од Струмица. За првиот тим на „Беласица“, Пандев настапувал само една сезона во рамките на Првата македонска фудбалска лига. Во летото 2001 година, на само 18 години, Пандев бил продаден на „Интер“ од Милано за сума од 250.000 евра.

По потпишувањето на договорот, за сезоната 2002-2003, Пандев бил позајмен на „Специја“, друг италијански клуб кој во тоа време се натпреварувал во Серија Ц1. За „Специја“, Пандев одиграл 22 првенствени натпревари и постигнал 4 гола.

Следната сезона, 2003–2004, Пандев бил повторно позајмен, овој пат на „Анкона“, клуб кој штотуку влегол во најсилната италијанска лига, Серија А. Своето деби во Серија А го направил во натпреварот Анкона – Сиена 0-0 одигран на 2 ноември 2003, заменувајќи го Салваторе Бруно во 83-тата минута од натпреварот, а својот прв гол го постигнал веќе во својот втор настап во поразот со 3-2 од Болоња на Ренато Дал’Ара. И покрај тоа што „Анкона“ завршила последна на табелата и испаднала од лигата како клуб со убедливо најлоша сезона во историјата на Серија А, Пандев бил еден од ретките играчи во клубот кој оставил позитивен впечаток – тој одиграл 20 натпревари и постигнал еден гол.

На 15 април 2006, Пандев во дресот на „Лацио“ за прв пат во кариерата постигнува два гола на еден натпревар во победата со 3-1 над „Ливорно“.

Најголемиот успех со „Лацио“, Пандев го остварува во 2009 година, кога го освојува Купот на Италија, при што со постигнатите седум голови, тој е најдобар стрелец во ова натпреварување. За „Лацио“, Пандев има одиграно вкупно 159 натпревари во кои постигнува 48 голови.

Во летото 2009 година, помеѓу Пандев и претседателот на „Лацио“, Клаудио Лотито избувна скандал, поради искажаната желба од страна на Пандев дека сака да го напушти клубот по крајот на сезоната. По оваа изјава и одбивањето на Пандев да го продолжи договорот, тој бил исфрлен од првата екипа на клубот во следните четири месеци, при што не одигра ниту еден натпревар. Во тој период, за Пандев покажале интерес голем број клубови, но Лотито не прифатил ниту една од нив. На 23 декември 2009 година, официјалниот суд на италијанската фудбалска лига „Калчо“ пресуди во корист на Пандев. Со пресудата, Пандев го раскина договорот со „Лацио“, а клубот бил обврзан да му плати на Пандев 160.000 евра за покривање на судските трошоци.

Во 2010 година, Пандев ги оствари најголемите успеси во својата фудбалска кариера, кога со „Интер“ освои дури четири шампионски титули: првак на Италија, освојувач на купот на Италија, победник во Лигата на шампионите и победник на Светското клупско првенство (постигнувајќи го првиот гол за „Интер“).

Пандев е еден од малкуте фудбалери кој успеал да го освои Купот на Италија со 3 различни клубови („Лацио“, „Интер“ и „Наполи“).

На 6 јуни 2012 година, Пандев направил постојан трансфер од „Интер“ во „Наполи“. Подоцна, претседателот на „Наполи“, Аурелио Де Лаурентис истакнал на едно интервју на радио дека Пандев се одрекол од дел од платата која ја примал во „Интер“ за да им се приклучи на наполитанците, истакнувајќи го ова како знак на посветеноста кон клубот и навивачите.

Во 2014 година македонскиот репрезентативец се пресели во турскиот гигант „Галатасарај“ каде што имаше само 4 настапи, при што одлучи веќе следната сезона да се пресели во редовите на „Џенова“ каде штое  и сега. Во овој клуб има 153 настапи и 27 голови.

Во интернационалната кариера, Пандев може да се пофали со освојување на Купот на Италија во 2008-2009 во дресот на „Лацио“, со „Интер“ тој славеше во Серија А: 2009-2010, Лигата на шампиони: 2009-2010, Куп на Италија: 2009-2010, 2010-2011, Суперкупот на Италија: 2010, но и со ФИФА Светско клупско првенство: 2010. Струмичанецот по четврти пат го освои италијанскиот куп, но овој пат со екипата на „Наполи“ во сезоната 2011-2012.

Македонскиот репрезентентативец засега се збогува до настапите во националниот дрес на Македонија, но сѐ уште не е познато кога тој ќе ги закачи копачките на ѕид и ќе се прости со официјалното играње на фудбал, затоа што Пандев има договор за уште една година со екипата на „Џенова“.

Поврзани содржини