БОГ НЀ ВОДИ ПО ПАТОТ НА МИРОТ, А НЕ НА ВОЈНАТА Папата Франциск му одржа лекција на рускиот патријарх Кирил
Во време обележано со неволјите на војната, неопходен е чекор напред што мора да дојде од нас, повика папата, не спомнувајќи ја директно ситуацијата во Украина.
Папата Франциск денеска во Астана истакна дека Бог не ја насочува религијата кон војна, а медиуми пишуваат оти станува збор за имплицитна критика до рускиот православен патријарх Кирил, кој ја поддржува руската инвазија врз Украина и ја бојкотираше конференцијата на верските водачи во Казахстан.
На вториот ден од престојот во Казахстан, папата Франциск се обрати на Седмиот конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии, собир каде присуствуваат христијани, Евреи, муслимани, будисти, хиндуси и лица од други вери.
Требаше да присуствува и патријархот Кирил, но, тој ги откажа учеството, а Руската православна црква, сепак, испрати своја делегација.
Кирил со ентузијазам ја поддржа руската инвазија на Украина, што ја гледа како бедем против декадентниот Запад. Неговиот став предизвика раздор со Ватикан и почна внатрешна побуна што доведе до прекин на врските на дел локални православни цркви со Руската православна црква, потсетуваат медиуми.
– Бог е мир. Тој секогаш нè води по пат кон мирот, никогаш по патот на војната – истакна папата.
Во време „обележано со неволјите на војната“, „неопходен е чекор напред“ што „мора да дојде од нас“, повика папата, не спомнувајќи ја директно ситуацијата во Украина.
– Самата осуда на екстремизмот не е доволна… Сè додека се шират нееднаквоста и неправдата, нема да има крај на вирусите дури и полоши од ковид-19, вирусите на омразата, насилството и на тероризмот – подвлече папата, меѓу другото.