📽📷 БОДИБИЛДЕРИТЕ ВО ГАЗА СЕ ОБИДУВААТ ДА ГИ ЗАДРЖАТ СВОИТЕ МУСКУЛИ Еве како вежбаат и што јадат среде гладот

Во Ал Маваси, таканаречената „безбедна зона“ во јужна Газа каде што престојуваат околу еден милион раселени луѓе, е поставена импровизирана теретана. Таму тренерот Адли ал-Асар, поранешен меѓународен шампион во кревање тегови, од остатоци од уништената сала во Кан Јунис изградил засолниште за спортисти.

1,406

Пот низ лицето му се слева на Тарек Абу Јусуф од Газа додека се мачи да ја издржи својата тренинг-сесија во импровизирана теретана, со опрема направена од остатоци. Секој потег му е потежок од претходниот.

Овој 23-годишен Палестинец намерно ги скратил своите тренинзи, болна промена од интензивните рутини што некогаш ги обожавал. Но, во енклава каде што речиси сите гладуваат, одржувањето на мускулната маса станало чин на опстанок и отпор.






– Ослабев 14 килограми, од 72 на 58, откако Израел ја засили опсадата во март со затворање на граничните премини и остро ограничување на храната. Ако јадењето стана реткост, вежбањето за бодибилдерите е еден од малкуте начини да ја зачуваме нормалноста – вели Абу Јусуф.

Неговата приказна ја отсликува пошироката хуманитарна катастрофа: сите 2,1 милион жители на Газа се соочуваат со, како што велат меѓународните организации, намерно предизвикан глад, објави Ал Џазира.

Обединетите нации предупредуваат дека северна Газа веќе е во состојба на глад, а Светската програма за храна вели дека без итна интервенција, гладот ќе се прошири на целата територија. Илјадници тони помош стојат блокирани на граничните премини.

Дури и кога камиони со храна влегуваат, поделбата е речиси невозможна поради воените операции и уништената инфраструктура.

За време на паузите од тренинг, Абу Јусуф ги допира рацете и градите, чувствувајќи го губењето на мускулите кое ја отсликува физичката пропаст на целото население.

– Порано тренирав 5-6 дена неделно, по повеќе од еден час. Сега, еднаш, двапати, по половина час. Тежината што ја крева паднала од 90–100 килограми на едвај 40 килограми – вели тој.

Теретана во шатор

Импровизираната теретана е поставена во Ал Маваси, „безбедна зона“ во јужна Газа, каде што се сместени околу 1 милион раселени лица. Тука, меѓу шаторите, тренерот Адли ал-Асар, поранешен меѓународен шампион во кревање тегови, од остатоци од уништената сала во Кан Јунис направил засолниште за спортисти.

– За време на овој наметнат глад, сè се смени. Спортистите изгубија 10–15 килограми и ја изгубија и силата за кревање. Салата пред војната примаше 200 луѓе дневно, а сега, едвај 10% од нив – вели тој, откако и самиот изгубил 11 килограми.

Еден од нив е 20-годишниот Али ал-Азрак, кој паднал од 79 на 68 килограми, а неговата сила драматично опаднала: кревал тег од 100 кг на клупа, а сега едвај крева 30.

– Најголем дел од губењето беше во последните месеци на глад. Живееме со парче леб и со малку ориз, без месо, јајца, риба, овошје и зеленчук – вели тој.

Тренинг како психолошки спас

За многу спортисти, шатор-салата не е само вежбање, туку и начин да се одржи менталната стабилност.

– Кога тренирам, се чувствувам поблиску до живите отколку до мртвите – вели 29-годишниот Халед ал-Бахабса, кој носи шрапнел од израелско гранатирање.

Тренерот Ал-Асар строго им наложува на спортистите да вежбаат минимално, не повеќе од половина час, со долги паузи, за да не се онесвестат.

– Секојдневно имаме случаи на колапс, грчеви, немоќ да се движат. Немаме протеини, месо, ниту здрави масти, ништо – објаснува тој.

Но, спортистите не се откажуваат. Дури и кога израелски ракети паѓаат блиску, тие продолжуваат да доаѓаат.

– Иако сум гладен, пак тренирам, тоа е единствениот начин да се почувствувам жив – вели Абу Јусуф.

Симбол на отпор

За Ал-Асар, салата е повеќе од место за тренинг, таа е симбол на отпор кон „геноцидот, уништувањето и кон раселувањето“.

– Ова е потрага по живот во услови на смрт. Спортот е дел од нашиот идентитет и доказ дека Газа ќе продолжи да живее, без оглед на тоа што се случува – вели тој.

Фотографии од бодибилдерите и условите во кои вежбаат можете да погледнете ТУКА.

Поврзани содржини