Бочварски: Владата забрани работа на конфекциите во време на карантин
Наредните три дена единствено до текстилните фабрики ќе бидат транспортирани лица за кои е креиран упат од доктор за тестирање и веднаш потоа ќе бидат вратени дома. Утре ќе бидат тестирани 200 вработени, а сабота и недела уште 230
Во моментот Штип се наоѓа во специфична состојба и нов момент на висок пик на вирусот во градот. Во Штип има нови случаи позитивни на ковид-19 за кој ќе информира министерот за здравство, а во наредниот период на масовно тестирање очекуваме да се појават и други случаи. Имаме и една позитивна вест за 3 оздравени лица во Штип, посакувам и очекувам овој тренд да продолжи и во наредните денови. Во моментот во самоизолација се 343 лица, рече штипскиот градоначалник Благој Бочварски на прес конференција.
– Како градоначалник досега во рамки на нашите ингеренции превземав серија на мерки за колективна заштита, дезифицирафме улици и плоштади, паркови и детски игралишта, простори пред маркети и аптеки, па дури и станбени влезови. Направивме пунктови за дезинфекција на возила, формиравме мобилни тимови преку кои помогнавме на преку 280 стари и изнемоштени лица. Обезбедивме 23 илјади заштитни маски и беа делени пред конфекции на пазари, на институции, а поделивме и над 1200 пакети за социјално загрозени семејства – рече градоначалникот.
Тој додаде дека веднаш по објавувањето на одлуката на владата дека Штип е град во кој се воведува забрана за движење од четврток до понеделник до Општински кризен штаб пристигнале гласови дека одреден број текстилни фабрики и покрај забраната за движење ќе продолжат со работа и во овие денови, користејќи ја можноста преку инспекторатите да пријават работа за време на викенд.
– Во моменти на целосено затварање на градот и забрана за движење во претстојниот продолжен викенд за сите граѓани, недозволиво е во оваа индустрија да се работи, токму таму каде што во моментот имаме поголем број случи на заразени граѓани. Сметам дека во овој момент треба сите да бидеме на ниво на задачата која ни ја носи ова време вклучувајќи ги институциите, граѓаните и стопанствениците со цел да спречиме состојбата со ковид-19 да излезе од контрола. Кога велам на ниво на задачата мислам над личните и партиски интереси, над интересите на стопанствениците. Во овој момент секој, ама буквално секој треба да се откаже од нешто за интересот на сите – рече Бочварски.
Градоначалникот информира дека побарал од Главниот кризен штаб во владата да донесе акт со кој во наведениот период целосно ќе го забрани работењето на сите фабрики од текстилната индустрија (каде што има голема концентрација на луѓе) во Штип и воедно ќе забрани издавање на секакви дозволи за работа со кои се изигруваат воведените мерки.
– Пред малку го добив овој акт кој гласи: Главниот штаб при владата го прифати барањето за забрана за работа доставено од Општина Штип, а со ова се забранува издавање на дозволи за време на викенд за фабриките од текстилната и кожарската индустрија на подрачје на Општина Штип, односно сите да останат затворени. Со ова веќе официјално се забранува работа во текот на овој викенд за сите текстилните фабрики. За оваа одлука веќе се информирани инспекторатите, најстрого ќе бидат казнети сите кои ќе ги повикаат луѓето на работа. Апел доколку има ваков случај веднаш да биде пријавен. Наредните три дена единствено до текстилните фабрики ќе бидат транспортирани лица за кои е креиран упат од доктор за тестирање и веднаш потоа ќе бидат вратени дома. Утре ќе бидат тестирани 200 вработени, а сабота и недела уште 230 – рече градоначалникот.