Бочварски и Каевски им ветуваат на штипјани базен со фотографија од американско училиште
Тие најавија изградба на современ затворен базен за пливање, но со фотографија преземена од Американско интернационално училиште.
Нов скандал со украдени фотографии од интернет ја тресе Македонија. Откако деновиве Владата промовираше домашен туризам со фотографии од странски дестинации, овојпат фатени на дело се градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, како и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
Тие најавија изградба на современ затворен базен за пливање, но со фотографија преземена од Американско интернационално училиште.
„Исклучително сум задоволен затоа што како никогаш досега, градиме капитални проекти за граѓаните, а градот бележи вистински развој. Во Штип со засилена динамика се гради затворениот базен во Срц Суитлак“, напиша Бочварски.
Директорот на Агенцијата Дарко Каевски исто така се пофали со фотографијата за која јавноста увиде дека е украдена како и за претходните срамни фотографии за проектот „Дома си е дома“.
„Штип добива современ затворен пливачки базен! Модерен изглед согласно современи стандарди, адаптиран комплетно за потребите на учениците, рекреативците и спортистите. Вака ќе изгледа пливачкиот базен кој се гради во спортската зона Суитлак“, пишува Каевски.