БОЦЕВСКИ ЗА НОВИОТ БУГАРСКИ ХОР СО СТАРАТА ПЕСНА „Минаха години“

2,401

И новиот бугарски владин хор ја пее истата стара антимакедонска песна во ритамот на познатиот бугарски староградски шлагер „Минаха години, без да те забравя аз, чакам те да дойдеш, чакам те със буйна страст“. Бујната страст заврши со вето за почеток на преговорите на Македонија со „Европскиот Сојуз“, а единствен исчекор на новата бугарска влада ќе бидат две-три „красиви думички“ испеани во нови „тържествени стихове“ дека Бугарија сака да ја види Македонија во европското семејство, но откако земјава ќе ги прифати рамковната позиција на бугарскиот министерски совет и декларацијата на бугарското собрание.

Во периодот од 23 до 27 ноември годинава, коалициските партери на идната бугарска влада во живо, јавно и пред камери, со директен пренос на Јутјуб, ги усогласуваа позициите околу програмската содржина на идната бугарска влада. На состаноците учествуваа политичките групации „Промената продолжува“, „БСП за Бугарија“, „Демократска Бугарија“ и „Има таков народ“, а со средбите претседаваше Кирил Петков, од „Промената продолжува“, најверојатно идниот бугарски премиер. Се разбира, за проследувачите на бугарската политика имаше многу материјал во сите овие сесии, а убеден сум дека македонската дипломатија будно го следела дијалогот на идните бугарски владини партнери и во македонската амбасада во Софија, но и во централата на МНР во Скопје, пишува Ивица Боцевски во колумна за „Нова Македонија“.






„Гледано од визура на Скопје и на македонската политика, разликите на идните бугарски владини партнери кон Македонија се само козметички. Јасно е дека бугарските социјалисти и „Има таков народ“ на Слави Трифунов имаат најтврди ставови кон Македонија, далеку порадикални и од ГЕРБ на Бојко Борисов, под чија палка се подготви актуелната бугарска позиција кон Македонија и кој ни го врачи неговото второ вето за почеток на преговорите, и покрај неговата страсна политичка љубов со премиерот Зоран Заев. Вигенин отсекогаш бил транспарентен во своите ставови кон Македонија и тој, како и целата БСП, поаѓа од тврди „живковистички“ позиции кон нас. „Има таков народ“ на Слави Трифунов не го ни крие нивниот потценувачки однос кон Македонија, па ќе биде весело доколку нивната водечка политичарка Павела Митова биде избрана за нов бугарски министер за надворешни работи“, пишува Боцевски.

Во колумната, Боцевски констатира дека не може докрај да се заклучи која е позицијата на најголемиот партнер „Промената продолжува“ кон Македонија, но имајќи предвид дека тие израснаа во сенката на бугарскиот претседател Румен Радев, јасно е дека тие до буква ќе ги следат неговите позиции за македонското прашање, исто така помеѓу најтврдите во бугарската политика.

„Така што, најверојатно во владините кујни се готви ново предавство и газење на новата резолуција на македонските позиции во однос на спорот со Бугарија, следејќи ја истата врвица што ја следеа при склучувањето на Преспанскиот договор“, пишува тој во колумната за „Нова Македонија“.

Поврзани содржини