Бојаџи: Власта врши притисок врз ТВ Алфа со апсурдни барања, ниe немаме што да криеме
Ова е нон сенс, Финансиска полиција во европска демократска држава да се занимава со содржините кои ги произведува некоја национална телевизија, потсетува на малку режим, потсетува на апартхејд. Се разбира дека ние немаме што да криеме и тоа ќе им го дадеме на увид - изјави Бојаџи.
Телевизија Алфа нема што да крие и ќе го издржиме силниот притисок од институциите на системот, зад кој стојат центри на моќ во и околу власта и владејачката партија, порачува управителот на Алфа, Јани Бојаџи.
Тој објаснува дека контролите од државните органи се многу чести од првиот ден откако дошол на директорската позиција, а последниов период станале се позачестени.
Инспектори од организиран криминал при МВР, како што самите кажале по налог на обвинителката Вилма Русковска, проверуваат случај од пред неколку години, за кој веќе судската постапка е во тек. Во исто време покрај ваквиот чуден потег на Обвинителството, увид во финансиското работење со други правни субјекти на телевизијата, врши и финансиската полиција. Но, Бојаџи вели дека покрај тоа што е нивна задача, тие барале увид и во телевизиската програма, што според него никако не е својствено на една демократска држава. Тој потенцира дека ова претставува јасен, иако апсурден обид на власта да врши притисок врз единствената критички расположена телевизија.
– Тие дополнително на мој шок побараа увид во програмските содржини и увид во производите на Алфа телевизија. Ова е нон сенс, Финансиска полиција во европска демократска држава да се занимава со содржините кои ги произведува некоја национална телевизија, потсетува на малку режим, потсетува на апартхејд. Се разбира дека ние немаме што да криеме и тоа ќе им го дадеме на увид – изјави Бојаџи.
И покрај тоа што ваквото барање од Финансиската полиција е и повеќе од чудно, Алфа ќе го обезбеди она што се бара, додава тој.
– Телевизијата согласно правилата ги започна техничките подготовки. Инспекторите се предупредени од техничкиот персонал на телевизијата дека станува збор за многу сложена техничка операција, која бара многу време и сериозни финансиски средства. Станува збор за многу обемен материјал, за кој на инспекторите ќе им требаат години само да го прегледаат. На крајот ќе се соберат околу 6.000 часа програма. Осум часа на ден, ќе им требаат седум и пол години да го прегледаат тој материјал. Ние тоа ќе им го обезбедиме, им посакувам добро гледање, убаво да си поминат и да уживаат во програмите, во производството на Алфа телевизија следните седум и пол години – изјави Бојаџи.