Блокиран центарот на Скопје, ВМРО-ДПМНЕ му одбројува на Заев

Блокадите ќе се одвиваат секој ден од 15 до 17 часот со цел јавноста да дознае какви концесии и отстапки ветил Зоран Заев на сметка на идентитетот и интересите на граѓаните.

1,062

Точно во 15 часот денеска почна блокадата на улиците во десет градови од ВМРО-ДПМНЕ под мотото „Доста е. Излези за Македонија“. Блокирани се и три локации во центарот на Скопје, каде е создаден голем сообраќаен метеж. Колони возила, нервозни возачи, свирежи, блокирано возило на Брзата помош…, таква е сликата на првиот ден од блокадите на опозицијата.

Блокадите ќе се одвиваат секој ден од 15 до 17 часот со цел јавноста да дознае какви концесии и отстапки ветил Зоран Заев на сметка на идентитетот и интересите на граѓаните.






– Ги повикуваме граѓаните да ни се приклучат, затоа што со ваква глува, анационална и неодговорна власт, само со народот на улица можеме да го заштитиме достоинството на Македонија. Истовремено им се извинуваме на граѓаните поради метежот и непријатностите кои евентуално може да се предизвикаат, но Македонија, идентитетот и јазикот македонски се доведени во прашање. Заев е тој кој го создава хаосот во Македонија поради неговите штетни политики кои во континуитет ги води. Да излеземе денес, пред да биде предоцна. Се работи за нашето достоинство, но и за нашата иднина. Го должиме ова на сите генерации кои се втемелиле во македонската државност, но и за сите идни генерации кои заслужиле достоинствена европска иднина – порача ВМРО-ДПМНЕ, која ги организира блокадите.

Опозициската партија се сомнева дека премиерот Зоран Заев и преговарачот Владо Бучковски тајно преговараат со Бугарија и се пред нов обид за продажба на националните и државните интереси, подготвувајќи анекс, писмени гаранции или „патоказ“ со кои ги прифаќаат ултимативните негаторски ставови.

– Овие стравувања не се само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на целата јавност и на експертите во Македонија. Впрочем и официјална Софија потврдува дека основен предуслов за тргање на ветото е бугарската Декларација со која се негираат историскиот континуитет на јазикот, идентитетот и антифашистичката борба врз кои се темели нашата државност. За жал, на ваквите позиции, Зоран Заев одговара со подготвеност за прифаќање и преговори. Затоа ВМРО-ДПМНЕ и народот, повторно излегуваат на улица, сѐ додека Заев не го обелодени документот кој што го преговара со Бугарија – нагласи опозицијата.

Во Скопје блокадите ќе бидат на крстосниците кај Градската болница, кај Мавровка и кај НИП Нова Македонија, а улици ќе бидат блокирани и во Охрид, Битола, Кичево, Штип, Кочани, Кавадарци, Прилеп, Струмица и во Велес.

Поврзани содржини