Премиерот Димитар Ковачевски денеска од централната прослава по повод 11 Октомври повика на обединување на сите политички и општествени чинители во остварувањето на стратешката цел – полноправно членство во Европската унија.
– Секоја генерација е исправена пред свои предизвици, коишто бараат избор. И никој нема право да го избегнува изборот на која страна ќе застане – кон напред, или во стагнација, во регрес со непредвидливи последици по иднината. Партизаните, со почит кон минатото, избрале да гледаат кон иднината на својата земја, дури и кога тоа значело на неа да се положи сопствениот живот. Денес, да се почитува минатото и да се гледа кон иднината, значи да се продолжи по стапките на борците од Народноослободителната борба, од чијшто виор е макотрпно изнедрена нашата држава и да се овозможи повторно нејзиниот натамошен напредок – истакна Ковачевски.
Тој рече дека блокадите на закони и мерки дома, на напредокот на меѓународен план, изолацијата на државата – се погрешна страна! И со ништо не може да се оправда ваквото однесување, бидејќи е современ чин на предавство на својот народ и својата држава, нагласи Ковачевски.
Премиерот додаде дека низ нашата историја донесени се тешки одлуки кои барале различни жртви. Во Втората светска војна, како што посочи, тоа биле човечките жртви, а денес кога го имаме дијалогот како средство за помирувачки решенија, никој, според Ковачевски, нема право да ги погази делата на борците, нивната жртва и верба дека еден ден новите генерации ќе живеат во напредна земја членка на ЕУ.
– Нема лесен пат до вредна цел. Историјата бележи дека за остварувањето на секој идеал е потребна цврста одлучност, напор и верба – порача премиерот на централната прослава по повод Денот на народното востание.