Блокадата на пристапните преговори меѓу темите на средбата на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со директорот на Конрад Аденауер
Блокадата за отворање на пристапните преговори со ЕУ, проблемите со коишто во моментов се соочуваме со Република Бугарија, за сѐ поголемиот број на млади лица кои што заминуваат или имаат намера да заминат од Република Македонија, пописот и проблемите околу неговото спроведување, катастрофалната и лошата состојба со загадениот воздух и животната средина во целост, проблемите и последиците со кои се соочуваме поради ковид кризата, како и предизвиците со кои треба и мора да се справиме во наредниот период предизвикани од ковид кризата, се темите за кои разговарале пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со новиот директор на Фондацијата Конрад Аденауер во Македонија, Даниел Браун.
– На средбата се отворија и прашањата околу функционалноста на Собранието, злоупотребата на европското знаменце и носењето на голем број на закони по скратена постапка. Се разговараше и за соработката помеѓу сите пратенички групи, соработката помеѓу пратеничките групи и Владата и други слични теми поврзани со работата и делокругот на Собранието и пратеничките активности во рамките на Собранието – велат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, покрај за актуелните предизвици и проблеми кои се присутни во нашата држава и во Собранието, упатил благодарност и за досегашната сериозна поддршка и плодна долгогодишна соработка со Фондацијата Конрад Аденауер и како што рече тој, се надева дека така ќе продолжи и во иднина.
Жаклина Пешевска како актуелен пратеник, но и како претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ се осврнала на прашањата кои се поврзани со застапеноста на жените во политиката и Собранието, односно со родовата еднаквост на политичката сцена во Република Македонија, како и за активностите кои ги превземаат и реализираат поврзани со оваа тема.
Пратеникот Јован Јаулески, како поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, а сега актуелен пратеник и директен претставник на младите во Собранието, се осврна на економските, социјалните, егзистенционалните и образовните проблеми со кои се соочуваат младите во Република Македонија. Тој на оваа тема посочи неколку важни показатели кои ја отсликуваат реалната состојба за статусот на младите во нашата држава и нивната желба што побргу да ја напуштат нашата држава. Јаулески напомена дека и покрај лошата состојба на младите во државата, Фондацијата Конрад Аденауер е докажан како најголем поддржувач на младите во нашата држава, покажувајќи го тоа и помагајќи на многу начини досега.
Пратеникот Тимчо Муцунски се осврна на предизвиците со кои се соочува пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија и недостигот на стручна и политичка соработка помеѓу пратениците од различните партии и пратенички групи. Тој исто така посочи и на проблемот со потценувањето и девалвирањето на Парламентот и пратениците како директни претставници на народот од страна на власта. Но сепак, како што нагласи тој, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе остане силно мотивирана и ентузијастички расположена и во иднина да продолжи да работи со полна пареа со цел обезбедување на подобар живот и животен стандард за граѓаните на Република Македонија.