БЛИСКУ СМЕ ДО ДОГОВОР, НО ЗЕЛЕНСКИ МОРА ДА СЕ СОГЛАСИ Трамп вели дека со Путин се согласиле за повеќе нешта
Мислам, знаете, претседателот Зеленски мора да се согласи, изјави шефот на САД во интервју за „Фокс њуз“ по состанокот со рускиот колега во воена база во Енкориџ на Алјаска.
Американскиот претседател Доналд Трамп ноќеска изјави дека договор за завршување на војната во Украина би можел да биде постигнат по неговиот самит со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, јави ДПА.
– Мислам дека сме доста блиску до договор. Сега погледнете, Украина мора да се согласи со тоа. Украина мора да се согласи. Мислам, знаете, претседателот Зеленски мора да се согласи – изјави Трамп во интервју за Фокс њуз по состанокот.
Првично не беше јасно дали Трамп веќе го информирал Зеленски за резултатите од разговорите во времето на интервјуто, пренесува германската агенција.
Кога беше прашан каков совет би му дал на Зеленски по самитот во Алјаска, тој одговори: „Направете договор“.
Американскиот претседател ја опиша Русија како „многу голема сила“, а Украина не.
За тоа колку би можел да биде блиску до договор, Трамп рече:
– Секогаш велам, ако сум навистина блиску, велам 50:50, бидејќи толку многу работи можат да се случат. Но, мислам дека претседателот Путин би сакал да го реши проблемот.
Американскиот претседател повтори неколку проценки што ги даде на краткото заедничко појавување со Путин по речиси тричасовниот самит. На тоа појавување, Трамп рече дека двајцата лидери се согласиле за многу точки, но сè уште не постигнале заедничка цел.
На прес-конференцијката не им беше дозволено на новинарите да поставуваат прашања и не беа објавени никакви детали за дискусиите или каков било писмен документ, јавува ДПА.