БЛЕРИМ БЕЏЕТИ ОБВИНИ ДЕКА КРИВИЧНАТА ПРОТИВ НЕГО Е ПОЛИТИЧКИ МОТИВИРАНА Тој ќе поднесе контра пријави
Никој од пратениците на ДУИ нема да потклекне на вашите притисоци и да премине во ВЛЕН, а најмалку јас, рече Беџети, кој три мандати беше градоначалник на Сарај, а вчера доби кривична пријава за проневера на 108 милиони денари или 1,7 милиони евра.
Пратеникот од ДУИ Блерим Беџети го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека со кривичната пријава поднесена вчера, врши притисок врз него како пратеник за да се зголеми мнозинството и дека пријавата е дел од организирана хајка, режирана од власта и директно од премиерот.
– Ниту јас, ниту кој било друг од пратениците на ДУИ се плаши и ќе попушти пред притисоците на власта. Кривичната пријава поднесена од Финансиската полиција е целосно неоснована и затоа против директорот Слободан Ивановски, заменик-директорот Илбер Имери и уште две лица, кои учествувале како организирана банда во оваа политичка хајка, ќе поднесеме соодветна пријава. Ќе докажеме преку доказите со кои располагаме, за наредбите кои доаѓаат директно од премиерот Мицкоски, кои се директен обид за вршење притисок врз мене како пратеник со цел да го зголемат мнозинството во Парламентот. Затоа денес јавно им се обраќам со порака дека нивните функции не се вечни, ама нашата борба за правата на Албанците, која нашиот лидер Али Ахмети ја води 20 години е чесна и искрена. Никој од пратениците на ДУИ нема да потклекне на вашите притисоци и да премине во ВЛЕН, а најмалку јас – рече Беџети, кој три мандати беше градоначалник на Сарај, а вчера доби кривична пријава за проневера на 108 милиони денари или 1,7 милиони евра.
На прашањето дека клучниот аргумент на Финансиска полиција е давањето одобрение за градба во момент кога немало ДУП, Беџити рече дека ДУП-от е донесен кога тој бил градоначалник, а министер и градоначалник на Скопје биле од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Постои Детален урбанистички план. Сите постапки на општината се спроведени во рамки на законските надлежности со валидни документи и акти и во ниту еден момент немало умисла, корист, ниту штета. Законот за градење дозволува издавање на одобрение врз основа на важечки план или урбанистички проект. Токму така и било постапено, не постои материјална штета, ниту еден денар загуба за општината. Сѐ е документирано и сѐ е чесно. Тие вчера зборуваа за скандал од 108 милиони денари штета. Тоа е само измислица за да се прави медиумски спектакл за да нѐ оцрнат и да нѐ заплашат ама лагите не се доказ и токму затоа оваа измислена и политички нарачана пријава брзо ќе падне – додаде Беџети, според кого оваа пријава не е само напад врз нив, туку и врз достоинството на Албанците.
На прашањето дали го познавал и бил близок со инвеститорот, рече дека како градоначалник на Сарај во три мандати, тој ги познава скоро сите а секако и инвеститорот, но додаде дека не е близок со него.
За тоа како ќе постапува пратеничката група на ДУИ во Собранието во однос на законите кои чекаат, како Изборниот, Законот за локална самоуправа…, за кои е потребен Бадентер, Беџети рече дека пратениците на ДУИ и коалицијата не се декор, кој го одобрува сето она што го предлага Владата и парламентарното мнозинство.
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство – Скопје вчера поднесе кривична пријава против 8 лица, меѓу кои и Беџети, под сомнение дека групата на чело со тогашниот градоначалник измислила урбанизација на неурбанизирана парцела во ДУП, изработила лажна дозвола за градба, измислиле надомест за уредување градежно земјиште, па дури извршиле и „технички преглед“ на нелегално изградениот објект, сопственост на фирма од Глумово, родното село на Беџети.