„БЛЕКПИНК“ ГО КРЕНАА ПАРИЗ НА НОЗЕ Мегапопуларната корејска група го започна европскиот дел од светската турнеја

Женската група Blackpink ја започна европската етапа од својата светска турнеја „Deadline“ во Париз за време на викендот кадешто одржаа два концерти на стадионот „Стад де Франс“, кој е најголемиот стадион во Франција - со капацитет од над 80.000 места.

61

Четирите девојки од мегапопуларната корејска група Blackpink викендов приредија концертен спектакл во Париз, со кој го означија почетокот на европската фаза од нивната светска турнеја „Deadline“.

Илјадници фанови од целиот свет се собраа на концертите во Франција, докажувајќи уште еднаш дека Blackpink не се само музички ѕвезди, туку вистински глобален феномен.
Со енергична кореографија, гламурозни сценски костими и сет-листа преполна со хитови како Kill This Love и How You Like That, групата приреди шоу што долго ќе се памети.






Групата одржа два концерти на стадионот „Стад де Франс“, кој е најголемиот стадион во Франција – со капацитет од над 80.000 места и беше домаќин на финалето на Светското првенство во фудбал во 1998 година и на Летните олимписки и параолимписки игри во 2024 година.

За оние кои се уште не слушнале за нив, Blackpink се формирани од YG Entertainment во Јужна Кореја во 2016 година и ја сочинуваат четири членки: Џису, Џени, Роуз и Лиса.
Од експлозивното деби со Boombayah, тие го освоија светот. Нивната музика – мешавина од поп, хип-хоп и електронски звук – редовно руши рекорди на YouTube и Spotify.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by BLΛƆKPIИK (@blackpinkofficial)

Со настапот на Коачела и соработките со ѕвезди како Лејди Гага, Дуа Липа и Селена Гомез, Blackpink станаа првиот K-pop женски бенд кој целосно се проби на западниот пазар.
Но тие не се само музичарки – туку и модни музи. Џису е амбасадорка на Диор, Џени на Шанел, Лиса на Селин, а Роуз на Сент Лорен и Тифани.
Секоја нова песна, нова турнеја или нов соло-проект привлекува милиони обожаватели – познати како Blinks – кои будно ги следат нивните чекори.
Следниот концерт од турнејата е најавен за Берлин, а ако судиме по еуфоријата во Париз, Европа штотуку влезе во својот Blackpink момент.

Поврзани содржини