Бласфемија на јавна сцена: дојдоа дивите, нека се пакуваат питомите!?
Со овој случај ние видовме дека и власта и опозицијата и левицата и десницата, и демохристијанството и социјалдемократијата – БОЛЕДУВААТ ОД ИСТ ВИРУС!
Пратениците, демек – „народните избраници“, „во името на народот“, со најновите законски решенија за легализација на дивоградби (Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти и Закон продолжување на постоечкиот Закон за постапување со бесправно изградени објекти), го ставија претседателот на државата, Стево Пендаровски на голем тест. Сега, тој, „во името на народот и уставното устројство на државата“, е должен, мора да им врати со иста мера.
Не постои никакво оправдување, никаква повисока цел, не држи ниту едно објаснување (оправдување!) па ниту она на ресорниот министер дека дивите градители, „ќе бидат казнети, со тоа што ќе платата за 50 посто повисока цена!“.
Тоа едноставно, не држи вода! Ако е така, тогаш – ДАЈТЕ и јас, наместо во Црвена Вода-среде шуми и долини, да изградам на диво пицерија под крошните на столетниот чинар во Охрид, после ќе ми ја легализирате, а јас ќе ви платам, не 50, туку сто посто повисока цена. Таа инвестиција, односно КАЗНА (!), како што глаголи министерот, ќе ми се врати до крајот на годинава.
Овде нема бегање. Овде е бласфемија на јавна сцена: дојдоа дивите, нека се пакуваат питомите!?
Таа е пораката: кој има срце да краде и да подмитува, да корумпира и да биде корумпиран – бујрум, овде е рајот за него. Кој држи до вера и правда, до закон и законитост, наместо да биде награден, ќе биде казнет, исмеан и понижен на јавна сцена и тој, ако и малку држи до себе, ќе бега од овој „рај!“, бидејќи за него е пекол!
Можеби ќе ви изгледа поприлично поедноставено, ама, на крајот од денот – така е.
Со овој законски акт, пратениците, на најгруб и најдрзок начин (понижувајќи го „остатокот!“), ја прекршија уставната еднаквост на граѓаните. Претседателот е уставно должен да не заштити нас – „остатокот!“, заштитувајќи го со тоа Уставот и правниот поредок. Ако тоа не го направи, тогаш и тој не е дел од нас – „ОСТАТОКОТ!“.
Со овој законски акт, се урнусуваат не само уставниот поредок, туку секаков вид на права и правичност – заснован поредок, секоја вера и верба во Алах и Пратеникот, во Бог и Господ Исус Христос.
Еве зошто ваков коментар. Денеска за муслиманските верници, е свет ден. Празникот Bajram Cherif Mubarek Olsun. На сите драги пријателки и пријатели, колешки и колеги, другари и другарки, од срце им го честитам празникот, со желби за добро здравје, среќа, веселие, бериќет …
Драгите собраќа муслимани, нека го прашаат врвот во религиската хиерархија, по кои божји заповеди и посланија на Пратеникот, тие, како граѓани, се нееднакви – пред власта во државата и устројството во верата? Поглаварот на Исламската верска заедница испрати честитка за празникот. Ајде да видиме, дали после празникот, ќе излезе јавно да ја осуди постапката на пратениците – муслимани, ќе ги укори – дека нивното поведение не е во согласност со Исламот, а од Претседателот ќе побара да не го потпишува указот.
Во тоа нема мешање на земното и духовното. Напротив. Политичарот може и да се додворува некому, духовниот водач не мора. Неговото Жезло е над политиката, неговата мисија е да го учи, воспитува и води народот – низ правда и еднаквост, и, да го брани од понижување и неправда.
Задачата на дедо Стефан е, исто така, значајна. Тој не треба никому да се додворува: на Бога – божјото, на Царот – царевото! Дедо Стефан е должен на народецот – во целина, а пред сè, на демохристијанската десница (нели така се претставува!?) да им укаже дека вербата во Бога е верба во правда и еднаквост. Да ја прекори демохристијанската елита во земјата, олицетворана во лидери, пратеници и владини чиновници (од власта и опозицијата) дека нивната, наводна побожност е НЕМОРАЛНА!
Како тоа ќе се крстиме во Бога, ќе ги полниме црквите и манастирите, лажно ќе го заведуваме пастирското стадо на дедо Стефан, ќе се колнеме во правда – земна и небесна, а ваму, во парламентот, ќе глсаме закони за неправда, нееднаквост, бесчестие …
Тогаш тие ја немаат верата во срцето, сето тоа е лажно, сето тоа е претстава за народот. Што им остана на тие демохристијани без вера во срцето? Ништо освен срамот во окото! Дедо Стефан е тој што ќе им го каже тоа. Освен, ако не може, или не сака! Ако има некакви интереси на паркингот, наспроти хотелот Холидеј Ин? Тогаш нема да повикува на правда и правичност, на еднаквост пред Бога и Царот, туку ќе се здружи со него за нешто да ушиќари.
Тогаш неговиот религиски авторите е само ФОРМАЛЕН!
Кога ќе се здружат религиската хиерархија и политичкиот естаблишмент, тука нема место за верба ниту во едните ниту во другите. Тука престанува етиката како крунска вредност во општеството и црквата. Во Куранот и џамијата. Политиката и политичкиот куплерај постојат откако постојат светот и векот. Политиката е еден од најстарите занаети во светот. Во болните општества политиката е бесчестие. Но, црквата и џамијата не смеат да бидат тоа.
Особено не во нашата Црква. Ние сме народ кој бил со векови подјармуван, обесправуван, народ без држава. Но, ја имал Црквата како окосница, како духовна и световна вертикала. Ја имал песната како наследство и завет. „Песна нас ќе одржала“, пее еден српски поет. „Њојзе хвала“!
Скоро се забавувавме со дејанијата на дедо Петар и дедо Агатангел. На народот, кој нема пари да ги состави првиот со последниот ден од месецот, му говореа дека пандемијата ќе ја изгонуваат „со крст и темјан“, а тие се лекуваа во „Систина“, по цена од илјада евра на ден!
Господ со нив, ама!?
Како ние, сега, можеме да очекуваме божјите стандарди да станат и стандарди на политиката? Тоа е пад на сите морални вредности. Колку што се отуѓени институциите на системот, на државата, толку се отуѓени и верските. Овде полна уста – Држава, таму профит. Овде полна уста Црква, таму луксуз. Не велиме во „Систина“ да патуваат на магариња, ама, нека ја делат малку и судбината на народот.
Црквата не учи дека човекот е клучното божје создание. Ако е така, тогаш на човекот му прилегаат: искреноста, етичноста, еднаквоста, преданоста кон вистината.
И за крај. Со овој случај ние видовме дека и власта и опозицијата и левицата и десницата, и демохристијанството и социјалдемократија – БОЛЕДУВААТ ОД ИСТ ВИРУС! Дека, на ист начин (дури и како согласни калуѓери на мрсна трпеза во петок!) ја продлабочуваат кризата, ја унапредуваат оваа наполно НЕПРИРОДНА СОСТОЈБА.
Е, тоа не може така на долг рок. Поделбата е условна, ама, ајде, да кажеме дека сега социјалдемократите ја имаат власта. Следат локални избори, макар што треба да следат и предвремени – парламентарни. Оваа НЕПРИРОДНА СОСТОЈБА не е одржива. А таква ја прават самите социјалдемократи. Еднаквоста во правата, правната сигурност за граѓаните, правото на еднакви можности – се клучниот столб на социјалдемократијата. Ако со овој закон, тоа била намерата, тогаш – аферим! Ако не, тогаш на потег е Претседателот.
Ако и тој ја испушти приликата, не го искористи инструментот кој го има во рацете, тогаш што и останува на нацијата? Или да го почека првото наредно изборно соочување, или, уште и пред него, да ја земе судбината во свои раце.
Ние, сега, сме тука некаде. Блиску до последната стапалка – пред понорот!!!