Може ли да се биде задоволен од „дадената“ помош преку соопштенија и прес конференции, а на теренот речиси и да ја нема? Е па, мал дел од бизнисот е презадоволен од вака дадените економски мерки на македонската влада. Тоа е оној дел што лапаше државните тендери, а кога дојде кризата први ги отпуштија вработените. Единствено што ги интересира е „оваа гужва“ да заврши што побрзо, за да си продолжат по старо.
Останатиот дел од бизнисот, оној поголемиот, стенка и се мачи надевајќи се дека конечно владата ќе се отрезни и ќе почне да дава реална и конкретна помош на стопанството.
Австрија, Данска и Германија, вчера најавија дека полека до крајот на овој месец ќе се ослободуваат од корона притисокот и дека мерките на нивните влади за помош на бизнисот и граѓаните даваат резултати и би требало да завршат до крајот на овој месец. Што би значело дека овие држави успешно го препливуваат корона вртлогот и ќе се насочат кон идното опоравување на националните економии. Истото се очекува деновиве и од другите држави, чии влади навреме изреагираа.
А нашата?
А нашата влада сѐ уште се мисли, како мома на селска чешма до каде да го наполни бардакот со вода. Сѐ уште се размислуваат чекорите како да се помогне на бизнисот. А и тие мерки што веќе ги донесоа, не само што не се доволни, туку и не се доречени и не се применливи до крај.
Зарем на Владата нема некој да ѝ каже дека донесува Уредби со законска сила, со други зборови донесува закони. Тие уредби не смеат да бидат со 2-3 реченици и да оставаат простор за нејаснотии и за уште поголеми проблеми, отколку што нудат некакво решение.
Угостителскиот сектор ги отфрли мерките на Владата како недоволни и некомплетни со најава дека ќе ги отпушти сите вработени! Можно е по нивниот пат да тргнат и многу други сектори.
Овие 20-тина дена, освен прес конференции, најави и фалби за задржување на 250.000 работни места, Владата не се покажа како способна да се носи со кризата.
Бизнисот не може да живее од најави, плати во стопанството нема да се поделат од фалби, сметките нема да се плаќаат од прес конференции. На компаниите не им е важно дали мерките на Заев се подобри од мерките на Мицкоски или обратно, не им е важно дали стратегијата ќе биде „денсање“ или „чекич“, важно им е да има навремени, конкретни и применливи мерки.
Не е помош, ако Владата донесе Уредба за исплата на 14.500 минимална плата, а притоа да постави непрецизни и неисполниви 20-тина услови кој може тоа да го користи. Не е помош ако одобри бескаматна кредитна линија, а компаниите да имаат милион ограничувања за да ја користат. Не е помош ако на извршителите им ја запре работата, а при тоа не им објасни на банките како да ги одблокираат сметките на граѓаните и компаниите.
Една работа требаше да направат: директно да вбризгаат пари во стопанството, да ја стимулираат потрошувачката, да ја намалат паниката… Не велам да им се даде директно пари на граѓаните или компаниите, туку да се обезбедат лесни, достапни и бескаматни позајмици.
Тие свежи пари ќе ја завршат работата повеќе од која било друга мерка: ќе има и за плата во приватниот сектор, и за сметки и храна, и за трошење. Ќе се полнеше буџетот, па ќе има и за пензии и за администрацијата.
Тоа го направија сите нормални држави, тоа го направија и во регионот. Србија со 5 милирајди евра, Хрватска со 3,9 милијарди, а Словенија со 3 милијарди. Нашите оперираат со 200 милиона евра помош, ама и таа не знаат како да ја дадат или можеби и неа не сакаат да ја дадат.