Бизнисот и невработените во расчекор – подобро сезонски работник надвор отколку цела година дома
Расчекорот на понудата и побарувачката на пазарот на трудот има повеќе причини но две се најважни - платите и вештините што ги поседуваат невработените.
Продавачи, возачи, шивачи, градежни работници, фармацевти, но и програмери и доктори на науки се бараат на огласите за вработување. Само преку Агенцијата за вработување бизнисот моментално бара 7.944 работници. Бројката од почетокот на годината не се намалува иако бројот на невработени во земјава заклучно со февруари изнесува 159.608 кои активно бараат работа и 90.700 пасивни баратели на работа. Дополнително само во февруари 1.000 работници останале без работа.
Според податоците на Државниот завод за статистика на крајот на минатата година, најмногу слободни работни места има преработувачката индустрија над 2.200, потоа во трговијата 1.200 и градежништвото 610. Дури 415 работници се бараат и во секторите информации и комуникации, а потреба за работници има и во администрацијата, здравството, образованието. Најмногу потреба од работници пријавуваат бизнисите од Скопје, па од Тетово, но и од другите градови.
Дел од невработените велат дека се нудат работни места само за ниски плати и затоа размислуваат за работа во странство..
– Што дека газдите велат дека имаат слободни работни места. Што се нуди, кафекуварки, шивачки возачи на камиони. И какви плати се нудат видете на огласите, најниски. Пробав една година поработев во екот на сезоната во хотел во Охрид и се откажав. Пред две години работев во хотел во Малта заработив како за две години овде во истиот сектор. Чекам пандемијава да помине и пак да одам во странство – вели Александра од Скопје која е професорка по македонски јазик.
За нејзината професија, вели таа во земјава нема работа, бидејќи сите места се пополнети.
– Треба да чекаш некој да се пензионира, или не дај боже, да почине, па да конкурираш што не е гаранција и дека ќе се вработиш. Затоа и најчесто ние младите сакаме да одиме во странство, бидејќи сме уморни од конкурирање без ефект – вели таа.
Според претседателот на Организацијата на работодавачи за ваквиот расчекор на понудата и побарувачката на пазарот на трудот има повеќе причини но две се најважни – платите и вештините што ги поседуваат невработените.
– Побарувачката на бизнисот е за одредена категорија работници со стекнати знаења, вештини и продуктивност и плата, а од другата страна се невработените главно млади луѓе кои излегуваат од образовните институции со сомнителни знаења и без одредени вештини кои се потребни за работното место, но со големи очекувања за плати и работно место кое ќе го работат. Младите поттикнати од високите плати што ги има во западните земји, очекуваат и во земјава да ги добијат и затоа одбиваат да се вработат во нископродуктивните сектори каде што се даваат и најниски плати – вели Димитров.
Тој смета дека младите сега само чекаат да ја напуштат земјата и по цена да работат за најниската плата во некоја европска земја која е далеку повисока од оние во земјава.
– Бизнисите тешко можат покрај ниската продуктивност и целокупните состојби да размислуваат за зголемување на платите, а во овој период на здравствена криза се соочуваат и со немање работа. Дури сме соочени и со состојба да отпуштаме работници иако знаеме дека потоа нема да можеме да вработиме нови – вели тој.
Димитров, меѓутоа не очекува прикажаната бројка на потреби од кадар на бизнисите да се реализира и поради пандемијата во која бизнисите доживуваат уште една криза.
Одливот на кадар во странство и брзиот процес на дигитализација на компаниите во сите сектори како и отворањето компании во секторот е причина за недостиг на кадар во ИТ секторот иако просекот на плати таму во декемви лани изнњесуваше 75.546 денари.
На техничкиот кампус годишно завршуваат по 300 студенти. Дополнително преку обуки на млади за различните потреби на ИТ секторот исто така има годишен прилив на нови кадри но фактот дека годишно, според податоците на МАСИТ, се регистрираат над 400 ИТ компании говори дека и во наредниот период ќе има недостиг на кадар и во овој сектор.
Решение на проблемот Димитеров гледа во промена на образовниот систем, кариерно определување во основно образование и инвестирање во високопродуктивни производни процеси кои ќе бидат и високоплатени.
– Со кариерното насочување секој млад човек ќе знае за што може да се образува, а преку дуалното образование во средните стручни училишта и практиката во компаниите ќе се обезбеди кадар што е потребен на стопанството, а идните работници ќе знаат дека работното место им е гарантирано и платено соодветно на продуктивноста што ќе ја остварат – вели тој.
Димитров додава дека инвестирањето во високпродуктивни работни места ќе значи крај и за нископродуктивните сектори кои вработуваат и големи бројки луѓе, но смета дека иднината на стопанството е во тоа, а тоа ќе се случи многу брзо.
– Искуствата од источните земји кои се вклучија во Европската унија се токму такви. На почетокот младите само се иселуваа, нископродуктивните сектори замреа, и почна развивање на високопродуктивни и високоплатени работни места со што почна и ублажувањето на иселувањето – додава тој.