Бизнисот бара итен поврат на ДДВ, владата тврди дека вратила 19,5 милиони евра во првата недела од април

За навремениот и непречен поврат говори и фактот што само во првата недела од месецов веќе е исплатен поврат од 1,2 милијарди денари, велат од Министерството за финансии.

957

Да се исплатат обврските на државата и локалната самоуправа кон приватните претпријатија, да се скратат законските рокови за поврат на ДДВ од 30 на 15 дена и тој редовно да се плаќа, како и да се укинат царините за сите репроматеријали и суровини од увоз и инвестициска опрема, неопходни за производството, за големите и средни производствени претпријатија, побараа денеска од Стопанската комора.

Од Комората велат дека ова го бараат бизнисмените бидејќи со исполнувањето на дел од барањата ќе се подобри нивната ликвидност и ќе се овозможи да се намали товарот на државата за намалување на ударот од здравствената криза врз економијата.






–  Некој ќе рече дека не е време за отворање на овие прашања, но јас ќе речам токму сега е време за вака крупни прашања, затоа што сите се убедивме дека кризата ќе потрае, а нашата битка за поголем профит и за опстанок ќе остане константна – вели претседателот на Комората Бранко Азески.

Слични барања неодамна презентираше и Стопанската комора на северо-западна Македонија, а кои се однесуваат на редовно плаќање на долговите на државните и локалните институции и претпријатија кон бизнисите.

Од Министерството за финансии велат дека сите предлози од бизнис заедницата се разгледуваат и сѐ она што може реално да се имплементира и што е од интерес за најголем број граѓани и стопанството се преземаат конкретни чекори.

Оттаму тврдат дека обврските кон бизнисите редовно се сервисираат.

– Во однос на повратот на ДДВ на компаниите, со цел да се задржи ликвидноста на стопанството, истиот се сервисира навремено и најбрзо можно, согласно реалното време потребно за спроведување на постапката од страна на Управата за јавни приходи. Во март годинава вкупниот поврат на ДДВ изнесува 1,87 милијарди денари што е за 14% повеќе споредено со претходната година кога изнесувал 1,63 милијарди. За навремениот и непречен поврат говори и фактот што само во првата недела од месецов веќе е исплатен поврат од 1,2 милијарди денари – велат од Министерството за финансии.

Оттаму засега не одговараат дали е можно да се скрати рокот за враќање на ДДВ-то за 15 дена како што бараат бизнисмените.

Со ист став околу исплатата на долговите на институциите за реализирани обврски на бизнисот кон нив, излезе денеска и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески со образложение дека главна цел покрај задржување на ликвидноста на фирмите е да се овозможи непречен тек на капиталните инвестиции.

– Сакам да потенцирам дека Министерството за транспорт сите обврски произлезени од договорите и завршените ситуации кон добавувачите ги исполнува на дневна основа. Тоа може да се провери и види. Колку што сум информиран и Јавното претпријатие за државни патишта исто така го прави тоа редовно и навремено се цел да нема застој во реализацијата на капиталните инвестиции во овој период – рече Сугарески.

Покрај овие, како што велат, значајни прашања за задржувањето на ликвидноста на компаниите бизнисмените велат дека државата треба да размислува и за намалување на парафискалните давачки, но и решавањето на низа други прашања би помогнале да се намалат нивните трошоци во услови на криза.

Поврзани содржини