Бизнисменот Камчев на телевизијата на Боки 13 ѝ уплатил рекет од 300.000 евра

Ти понудив 150.000 евра од „Систина“, 150.000 евра преку „Орка“. Тие се платени на твојата телевизија. Јасна Мандиќ може да потврди сѐ. Сето тоа без субвенција и без државата укажуваше на загуба, рече Камчев во сведочењето на судското рочиште за предметот „Меѓународен сојуз“.

2,381

На денешното сведочење за случајот „Меѓународен сојуз“ Камчев побара да биде изземен како сведок зашто, како што рече, надвор од сите законски одредби, со грубо кршење на законот и вршење директна тортура врз него му е изречен притвор со што се создадени вештачки притисоци и со тоа тој не може да биде кредибилен како сведок пред Обвинителството.

Обвинителството и судот не го прифатија неговото барање за изземање. Тој на Обвинителството и на одбраната јасно им посочи дека „Меѓународен сојуз“ и ,,Рекет“ се едно исто, односно дека се работи за ист случај кој започнал пред предметот „Империја“ и чија жртва директно и сè уште е тој.






Тој вели дека прв пат есента 2018 му биле понудени два конкретни проекта од Лазар Јанев, синот на Катица Јанева, и од Зоран Милески – Кичеец, a тој ги одбил поради нивна економска неоправданост и рече дека воопшто немал контакт со „Меѓународен сојуз“.

За „Меѓународен сојуз“ имал само некои информации кои ги добил единствено од телефонски разговори со новинарката Оливера Трајковска. Доколку Обвинителството сака потврда дека тоа е сè што тој имал како сознание за „Меѓународен сојуз“, Камчев понудил да се искористи примената на ПИ мерки од неговиот телефон, кој бил следен.

Јордан Камчев рече дека никогаш немал контакт, ниту ги познава Фросина Ременски и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ кои се обвинети во „Меѓународен сојуз“.

Обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 на бизнисменот му нудел да инвестира во старечки домови на локации во Струга и во Охрид и дека за таа инвестиција ќе добие 20 отсто субвенции од државата. Сведокот Камчев посочи дека на сметка на 1ТВ платил 300.000 евра за два договора. Овие средства Камчев рече дека ги уплатил како рекет.

– Зоран Милески и Бојан Јовановски дојдоа кај мене, и на маса ми ги дадоа локациите. Ми кажаа дека Карпош е блокирано, Битола е зафатено. Сето ова чинеше 4 милиони евра – рече Камчев на денешното сведочење во Кривичниот суд за „Меѓународен сојуз“.

Тој додаде дека од тимот на Бојан му биле презентирани копи пејст бројки кои ги дал на неговите директори да ги анализираат.

– Се фалеше со слики со премиерот пред мене. Велеше дека 20 отсто ќе бидат субвенционирани од труд и социјала. Тоа е Бојан, твојот неуспешен договор и откако те откачив, почна твојата приказна. Вака беше изманипулирана власта на која Бојан се повикуваше цело време. Ти понудив 150.000 евра од „Систина“, 150.000 евра преку „Орка“. Тие се платени на твојата телевизија. Јасна Мандиќ може да потврди сѐ. Сето тоа без субвенција и без државата укажуваше на загуба – рече Камчев.

Во однос на улогата на обвинетата Јасна Мандиќ, сведокот Камчев истакна дека таа била само пошта и дека не учествувале во разговорите меѓу него и обвинетиот Јовановски.

– Во овој случај фалат и лицата Зоран Милески, Катица Јанева и нејзиниот син. Првиот нивен предлог не го прифатив бидејќи мислев дека нема економска логика. Вториот предлог за старечки дом исто го одбив. Ми беше кажано дека од ова има интерес синот на Катица Јанева и од тогаш почна тортурата врз мене – рече сведокот Камчев, кој додаде дека во документот било потпишувано лицето Лазар Јанев.

Тој на денешното судење искажа и неколку пикантерии.

– За „Меѓународен сојуз“ знам само дека бил над англиската амбасада и се вртеа бизнисмени со торби. Бојан успеа да направи цел град мајмуни – рече Камчев.

На прашање на Јовановски, со што се занимава, бизнисменот одговори:

– Започнав со сточарство, потоа и со земјоделие. Отворив и фабрики за текстил, за чевли. Направив и центри за дијализа и какви сѐ не здравствени одделенија. Еве, да не бидам и вулгарен, учествував во преработка на арско ѓубриво, односно измет за да се дојде до енергија. Преработував гомна – кажа Камчев.

Тој додаде и дека на Јовановски неколку пати му биле извршувани контролни прегледи за зараснувањето на раната во неговиот дом од медицински лица од „Систина“.

 

Поврзани содржини