Бизнисмените смислија лесен начин како да се раздолжат меѓу себе

Бизнис конфедерацијата смета дека ќе биде подобро кога оваа софтверска платформа би се поврзала и со софтверот на Управата за јавни приходи со цел да се овозможи и долгот за данок или повратот на даноците да се вклучи во процесот за пребивање на долговите.

1,435

Бизнис конфедерацијата вчера на премиерот Зоран Заев и на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи им претстави дигитален модел за порамнување на долговите меѓу компаниите и побара на платформата да се вклучат и институциите, јавните и државните претпријатија, како и Управата за јавни приходи.

Миле Бошков претседател на Бизнис конфедерацијата тврди дека решението е едноставно сигурно и функционира веќе неколку месеци меѓу компаниите.






– Досега на софтверската платформа за повеќестрано безготовинско порамнување се вклучени 350 компании од најмали до најголеми кои пријавиле долгови и побарале тие да се пребијат со некоја од фирмите кои им должат. Софтверот преку соодветен алгоритам ги бара можностите за пребивање на долгот и испраќа извештаи до нив. Компаниите можат да ја прифатат или не операцијата пребивање или делумно да ја прифатат по што потпишуваат спогодба. Во овој период склучени се 50 спогодби за порамнување меѓу компаниите – вели Бошков.

Бизнис конфедерацијата смета дека ќе биде подобро кога оваа софтверска платформа би се поврзала и со софтверот на Управата за јавни приходи со цел да се овозможи и долгот за данок или повратот на даноците да се вклучи во процесот на пребивање на долговите.

– Тоа би значело повеќе можности за компаниите, а би се искористил и повратот на даноците за порамнување на одделни долгови. Дополнително значајно за компаниите и економијата е што со примената на овој начин на порамнување се забрзува движењето на парите и се ослободува капиталот заробен во долгови. На овој начин се наплатуваат побарувањата и од оние кои не се во состојба да платат затоа што нив други им долажат, се намалуваат трошоците за наплата – нема извршувања и долги судски постапки, се исплаќаат обврските без употреба на готовина, се зголемува прометот и се подобруваат билансите на компаниите. Сите трансакции се регистрирани со што се намалува можноста за даночна евазија. При тоа и државата ќе има поголем бенефит отколку да зема пари само од камати на долговите – вели Бошков.

Дополнителен бенефит, според него, е тоа што со решението, од една страна, се намалува внатрешниот долг, а од друга страна се зголемува ликвидноста на компаниите како и коефициентот на обрт, што, пак, доведува до зголемен обем на работа и добивка, што секако, директно позитивно влијае на вкупниот БДП.

Аплицирањето на платформата која ја изработи компанијата Ролсофт РСМ дел од меѓународната компанија од Израел е лесно и е безбедна во однос на податоците кои се внесуваат во ПБП/MCS системот. Тие се целосно заштитени од преглед или злоупотреба и при пристапувањето во апликацијата клиентите ги гледаат податоците само од своите доверители и должници, податоци кои секако ите им се познати. Клиентот добива код со кој може да пристапува и управува со својата сметка во апликацијата. Циклусите на компензации се одвиваат периодично за што се поставува распоред на интернет страна на Ролсофт РСМ, а сите регистрирани клиенти добиваат информација на нивната меил адреса.

– При циклусот на компензација најважна е опцијата која во рок од 48 часа од добивањето на прелиминариот извештај овозможува: компанијата да ја одбие понудената компензација; да ја прифати делумно т.е. да определи помал износ за порамнување од понуденот или да ја прифати во целост – појаснуваат од Ролсофт РСМ.

Во однос на обврските на компаниите кои аплицирале на платформата од Бизнис конфедерацијата велат дека се однесуваат само на финалниот извештај.

– Единствено што плаќаат компаниите кои сакаат да се раздолжат меѓу себе е процент од вкупно договорената сума за раздолжување по испорачан финален извештај за порамнување изразен како процент во висина од 1 до 2,5 отсто на сумата на реализираното порамнување – вели Бошков.

Ваков систем за мултилатерални компензации MCS, појаснуваат од Бизнис конфедерацијата веќе функционира во нашето опкружување и се реализирани многубројни циклуси на порамнување.

Предлогот на Бизнис конфедерацијата е добро разбран од премиерот и вицепремиерот за економски прашања, а што ќе се случува натаму засега е непознато.

Во меѓувреме, Министерството за економија подготвува нов закон за инсолвентност во кој се предвидува фирмите кои се неспособни да ги плаќаат долговите наместо во стечај да продолжат да работат и со судски надзор сами да се решат од долговите.

Поврзани содржини