Бизнисмени: Државата наплаќа царина за полнење на буџетот, но не го штити домашното производство

799

Плаќаме царини за репроматеријали кои не се произведуваат во земјава, а такви се 99 отсто од увезените репроматеријали. Тоа значи дека државата ги држи високи царинските давачки само за да го полни буџетот, но не и да го заштити домашното производство, велат бизнисмени. Тие бараат да се намалат или целосно да се укинат царините за производи кои не се произведуваат во земјава а се користат како репроматеријали во нивното производство. Од Министерството за финансии и Царинската управа сѐ уште нема одговор на дилемите на бизнисмените и нивните барања.

Деновиве и претседателот на Стопанската комора Бранко Азески излезе со став за целосно укинување на царините за 12 тарифни броја, што од почетокот на годината се намалени за 50%, а во суштина не го  штитат домашното производство, но и не го полнат буџетот.






– Во текстилната индустрија во земјава која се сведе само на конфекција се увазува сѐ, па дури и конец и копчиња, бидејќи ништо од тоа не се произведува во земјава. Ние сме принудени да плаќаме царини и дополнително да докажуваме дека, на пример, копчиња одамна никој не произведува и мора да ги увеземе. Не знам кого штити државата кога наплаќа царина освен што тие пари одат во буџетот – вели Ангел Димитров од Здружението на текстилна и кожарска индустрија.

Според него, 99 отсто од царинските тарифи се определени за производи кои не се произведуваат во земјава, а се потребни за производство на индустриските капацитети и секое укинување ќе биде придонес за поконкурентни цени.

Владанка Трајковска од компанијата „Раде Кончар – сервис и поправка на електрични производи“ исто така вели дека најголемиот дел од репроматеријалите се увезуваат бидејќи нема домашно производство.

– За среќа, ние не плаќаме царини за увозот на репроматеријалите, но хендикеп е тоа што потребниот материјал мораме да го увезуваме бидејќи ништо од тоа не се произведува во земјава. За нас е проблем плаќањето на ДДВ за увезената стока бидејќи се плаќа однапред па предлогот увозното ДДВ да се плаќа на 25 во месецот би бил добар за сите што увезуваат репроматеријали, а потоа го вградуваат во производот и го извезуваат како готов производ – вели Трајковска.

Четири странски компании, од кои три германски, кои работат во земјава преку свои производни погони, подолг период бараат од Владата да им ги намали царинските давачки за одредени репроматеријали кои ги користат, бидејќи, како што велат, тие ја зголемувале крајната цена на производот и ги прави понеконкурентни во однос на другите кои или имаат пониски царини или воопшто не плаќаат царина. Тие се пожалија дека мораат да ги замрзнат плановите за проширување на своите инвестиции, во очекување на бараното намалување на царините.

Укинување или намалување на царините бараат и од прехранбената индустрија која што мака мачи да обезбеди суровина, бидејќи домашното производство е доволно само за да го задоволи домашниот пазар. Тие, како што велат, треба да увезат смрзнато месо, доматно пире, пченица…, за да можат да произведат за извоз, но производот им е понеконкурентен покрај другото и поради царината која се плаќа за увоз на репроматеријалите.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески во своето обраќање деновиве побара Владата сериозно да ги преиспита царинските тарифи за сет на увозни производи. Според него, целосно треба да се укинат царините за 12 тарифни броја, што од почетокот на годината се намалени за 50 отсто, а во суштина не штитат ништо, бидејќи нема такви производи кај нас.

Азески вели дека државата цврсто се држи за овие царини иако годишно наплаќа само 2,95 отсто од вкупните буџетски приходи. Притоа, вели тој, се занемарува колку тоа може да ја зголеми конкурентноста на извозниците и да им даде предност пред компаниите од опкружувањето.

Плусинфо побара мислење од Министерството за финансии и од Царинската управа во врска со можноста за укинување или намалување на дел од царинските тарифи, но до објавувањето на текстот не доби одговор.

Поврзани содржини